Државниот завод за статистика истражувал и констатирал дека точно 545.000 лица или 27,1 отсто од вкупното население во Македонија живеат во сиромаштија.
Според анкетите на статистичарите во нашата земја мнозинство граѓани имаат проблем редовно да обезбедат пари за да ги платат сметките или трошоците за станарина, а околу еден милион од вкупно два милиони жители можат да си дозволат квалитетен оброк секој втор ден.
Автомобил за голем дел граѓани е недостижна желба, а речиси еден и пол милион граѓани не можат да платат еднонеделен одмор.
Дури 23,8 отсто од четиричлените домаќинства составени од двајца возрасни и две издржувани деца живеат во сиромаштија. Стапката на сиромашни невработени лица изнесува 48,7 отсто, додека стапката на сиромашни вработени лица е 10 отсто.
За статистичарите од „Евростат”, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа.
БДП на Македонија во 2012 година по жител, мерен преку паритетот на куповна моќ, изнесувал 35 отсто од просекот што го имаат 28-те земји-членки на ЕУ. Посиромашни од Македонија се само Албанија со БДП по жител од 30 отсто и Босна и Херцеговина со БДП по жител од 29 отсто од европскиот просек.
]]>


