Локализиран пожарот во хотелот „Црешово топче“, повреден е пожарникар

Локализиран е пожарот во хотелот „Црешово топче“ во центарот на Пробиштип. Командирот на ТППЕ-Пробиштип, Васил Митровски вели дека пожарот најверојатно настанал од фритеза во кујната, а огнените јазици продолжиле кон оџакот со што е изгорена кровната конструкција и има големи штети на последниот кат од хотелот.

– Повреден е пожарникар,кој веќе е на пат за Кочани. Значи еден пожарникар од ТППЕ-Кочани и веќе го упативме за Кочани. Беше затруен од јаглерод моноксид од вдишување на чадот, вели Митровски.

Хотелот кој има околу 100 легла го спасуваа пожарникари и од соседните општини Штип, Кратово и Кочани. Пожарникарите најголем проблем при гаснењето имале со несоодветно изградената кровна конструкција.

Командирот на ТППЕ-Штип, Кире Патраклиски вели дека веднаш реагирале и со специјалната опрема која ја имаат интервенирале на кровот за да го исечат лимот и изолацијата.

– Мислам дека стасавме на време и успеавме да спасиме два ката од хотелот, вели Патраклиски.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека хотелот „Црешово топче“ е еден од поголемите капацитети во општината, а наредните денови ќе им понудат и помош за санирање на штетите. Истражните органи дополнително ќе ја утврдуваат штетата во хотелот, кој се наоѓа во централното подрачје на градот Пробиштип.

]]>

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести