Субрата Рој, Латас, Ивона и Груевски во новата сезона на „Изгубени“

Во новата сезона на популарната серија „Изгубени“ што некогаш одеше на угаснатата „А1“ телевизија ќе се појават мистериозниот милионер од Индија Субрата Рој, премиерот Никола Груевски, Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска.

Како што објавија од продукциската куќа што ја снима оваа серија, во новата сезона ќе бидат застапени повеќе реални ситуации од секојдневниот живот на луѓето, направени според вистинити приказни.

-Досега сценариото на филмот пратеше низа дејствија на луѓе изгубени на пуст остров, што не може да се најде и ним им се случуваат необични работи. Поентата на филмот е што овие луѓе не можат да се најдат, ниту пак да се вратат дома и мораат да се навикнат на условите што ги има островот, без разлика какви и да се тие, а во случајот се лоши. На крајот се разбира тие ќе се вратат дома, но нивниот живот нема да биде како порано, островот на некој начин ги обележал. Во Македонија забележавме слична ситуација со одредени луѓе, кои на моменти се појавуваат, на моменти се губат и никој не може да ги најде. Затоа одлучивме новата сезона на филмот „Изгубени“ да земаме актери и приказни од животот во Македонија, но сепак не сакаме анонимни глумци, кои се уште го немаат првиот настап, вели познатиот режисер на серијата.

Македонската јавност верува дека Рој, Латас, Груевски и Талевска ги снема од екраните заради аферите со милионите, но сето тоа било само сценарио за филм. Сепак нивното отсуство воопшто не се забележа на ТВ екраните, затоа што пет-шест министри денеска се појавија на вестите, беше промовирана и една поштенска марка, а бензините поефтинија дури за еден денар.

-Успехот на филмот „Изгубени“ најмногу се должи на фактот што секој човек може да биде изгубен и немоќен пред вистината дека понекогаш не може да контролира сѐ, туку само да се вклопи во мозаикот на животот кој кога тогаш ќе ти врати за сѐ што си направил, додава познатиот режисер.

Оваа вест е измислена и не треба да се сфати сериозно.
]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести