„Сител“ најгледана телевизија во Македонија: Сите со душа чекаат барем уште еднаш да ги видат Ивона и Латас

Телевизијата „Сител“ според најновите истражувања на агенциите е најгледаната телевизија во Македонија. Таа деновиве го надмина и рејтингот на гледаност и на згаснатата „А1“ телевизија, во времето кога го апсеа сопственикот на телевизијата Велија Рамковски, за наводно направен криминал.

Сепак во случајот не се работи за наводен криминал, туку за нешто друго, откриваат агенциите.

-Откако се откри дека двајца уредници на „Сител“, воедно и најомилено водителско дуо, Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска во приватниот живот биле бизнисмени кои добиваат милионски суми на тендери од поединечни Министерства на Република Македонија, сите Македонци со душа ги чекаат да се појават на нивната омилена телевизија  и да ги видат во нивното ново вистинско светло, објаснуваат од агенцијата „Биди жив, па макар и богат“ што правеше едно од многуте објективни истражувања.

-Цела Македонија е заинтересирана да ги види милионерите-феномени од Македонија кои и покрај невработеноста што ја тресе земјата и масовните иселувања на населението во странство во потрага по најобична работа, успеваат да направат милиони, а сепак да бидат и обични новинари и да го делат лебот и секојдневието со обичните граѓани, не кажувајќи за своето богатство, велат од „Да не беше трагично, ќе беше смешно“ – агенција за истражување на рејтинзите за гледаност на „МТВ“, „Сител“ и „Канал 5“ во Македонија.

Двете агенции се согласиле со фактот дека досега вакви примери на успешни бизнимени во земјата не се видени, па можеби затоа Македонците трпеливо ги гледаат дури и рекламите од типот „На Заев не може да му се верува“, што задолжително одат пред вестите на „Сител“, чекајќи да се појават барем уште еднаш Ивона и Латас и да кажат колку убаво се живее во Македонија.

Но, Латас и Ивона никако да се појават на вести. Во нивнотото исчекување, „Сител“ го доби приматот најгледана телевизија во Македонија. Се уште не е познат идeлогот на оваа досетка што направи сопственикот на „Сител“, Љубисав Иванов – Ѕинго  да ги оправда средствата постигнувајќи ја целта – неговата телевизија конечно да биде најгледана во Македонија.

Предупредување: Ова е измислена вест и не треба да се сфати сериозно!

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести