Македонија денес ги добива противниците за квалификациите за ЕП во кошарка

ФИБА Европа денеска од 13 часот во Барселона ќе го изврши извлекувањето на групите од квалификациите за Евробаскетот што ќе се одржи во Украина 2015 година. Македонската репрезентација, од вториот шешир ги очекува противниците со кои ќе се сретне во август.

По доделените вајлд-карти за СП на Финска, Грција, Турција и Бразил, „црвено-жолтите“ извлекувањето го дочекуваат од деветтото место на ранкингот на ФИБА Европа, креиран според последниот настап на Евробаскетот.

Вкупно 26 репрезентации ќе учествуваат на квалификациите, а ќе бидат поделени во седум групи – пет групи со по четири селекции и две групи со по три селекции. Ќе се игра по систем „дома-гости“, по што првопласираните селекции, заедно со шесте најдобри второпласирани, ќе обезбедат пласман на ЕП. Натпреварите ќе се играат од 10 до 27 август.

Македонија е дел од вториот „шешир“ и според тоа како противници ќе ги избегне Велика Британија, Израел, Русија, Грузија, Шведска и Полска. Првиот „шешир“ го сочинуваат Италија, Летонија, Белгија, Босна и Херцеговина, Германија, Црна Гора и Шведска. Можни противници на нашите кошаркари од третиот „шешир“ се Бугарија, Белорусија, Швајцарија, Австрија и Словачка. Во четвртиот „шешир“ се наоѓаат: Данска, Унгарија, Романија, Холандија и Луксембург.

Единаесет земји веќе имаат обезбеден пласман на Евробаскетот и тоа: Франција, Литванија, Шпанија, Хрватска, Словенија, Украина, Србија, Финска, Грција, Турција и Естонија.

]]>

Најчитани вести