Червар: Со комбиниран состав против Борац

По пријателскиот натпревар со Веспрем македонскиот ракометен вицешампион Металург утре ги продолжува натпреварите од СЕХА лигата. Во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ Металург е домаќин на тимот на Борац Бања Лука, а тренерот на тимот од Автокоманда најави комбиниран состав за овој дуел.

– Во составот имаме повредни играчи. По Наумче Мојсовски, на повреда се жали и Павел Атман, кој требаше да го замени нашиот капитен во играта. Тој има повреда на шутреската рака и сигурно нема да игра против Борац. Повреди имаат и Ацо Јоновски и Велко Маркоски, што значи дека и на дуелот со Борац ќе повикаме неколку играчи од Металург Јуниор, изјави на денешната прес-конференција Лино Червар, тренерот на Металург.

Борац се наоѓа на 9.место на табелата, но клубот има финансиски проблеми, па играчите се во штрајк, но според најавите сепак ќе го играат натпреварот во Скопје.

За Металург по контролниот дуел со Веспрем ова би требало да биде последна проверка пред натпреварите од Лигата на шампионите со ПСЖ и Динамо Минск, како и еден од клучните дуели од СЕХА лигата со Мешков Брест на гости (18 февруари).

Натпреварот Металург – Борац Бања Лука се игра утре со почеток во 17 часот и 45 минути.

]]>

Најчитани вести