Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Лирија денеска во Охрид со почеток од 17 часот и 30 минути ќе се борат за трофејот во кошаркарскиот куп.
Ова е епилогот по завршувањето на второто полуфинале кое синоќа се доигра во празна сала. Судиите пред крајот на втората четвртина поради недолични слогани и неспортско навивање го прекинаа натпреварот, по што беа испразнети трибините на салата „Билјанини извори“ пред натпреварот да продолжи.
Лирија предводена од одличниот Џулиус Колс победи со 81:73 и обезбеди пласман во финалето од купот, за првпат во историјата на клубот.
Колс погоди 5 тројки од шест обиди и беше најпрецизен поединец кај Лирија со 23 поени. Тони Симиќ оствари дабл-дабл од 15 поени и 11 скокови, а 15 поени постигна и Бојан Трајковски.
Кај Куманово, Вукашин Мандиќ беше најпрецизен со 27 поени на кои додаде и 9 скокови, а нов одличен меч одиграа и Мишковиќ и Паран кои искомбинираа 23 поени и 20 скокови.
Претходно МЗТ Скопје Аеродром во првото полуфинале го победи Кожув со 78:70. „Аеродромци“ се бранители на трофејот кој го имаат освојувано шест пати.
]]>


