Индира Кастратовиќ тренерот на македонскиот женски ракометен шампион Вардар СЦБТ на денешната прес-конференција кажа дека изминативе неколку дена во пресрет на средбата со Митјиланд во тимот се работело на подобрување на играта во одбрана.
– Оваа недела работевме на подобрување на одбраната. Воедно на „моите девојки“ им напомнав дека одбраната е клуч за победата. Митјиланд или поранешен Икаст е квалитетен состав. Завршија на првото место во првата групна фаза. Нам добро ни е познат квалитетот на данскиот ракомет. Ние на претходните два натпревара не покажавме се, а верувам дека во следните натпревари ќе играме подобро и подобро, истакна Кастратовиќ.
Вардар СЦБТ во рамките на третото коло од главната фаза од Лигата на шампиони игра значаен натпревар за пласман на една од првите две позиции во групата.
На првите два дуела Вардар СЦБТ има победа над Турингер и реми со Савехоф или вкупно три бодови.
Натпреварот ЖРК Вардар СЦБТ – Митјиланд ќе се одигра в сабота од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
]]>


