Еден-два, еден-два…

Пред две години на плоштадот во Неготино на празникот Св.Трифун лозарите се подготвуваа за протест поради неисплатените субвенции. Се подготвуваше бината, се местеше и тестираше озвучувањето: Еден – два, еден – два… се слушаше на тонската проба, а лозарите околу бината чекаа да почне протестот.

И тогаш некој извика, ИМА ПУШТЕНО СУБВЕНЦИИ!!!

За пет минути остана само бината и озвучувањето со „Еден – два, еден – два“.

Овој Свети Трифун лозарите поучени од минатите години стрпливо го чекаа  Министерот за финансии да дојде со убавата вест. Така и беше, се качи Зоран Ставрески на бината и гордо, небаре од џеб ги дава,  им каже на лозарите дека утрото се пуштени сите субвенции за нив и за тутунарите, двете целни групи за пред избори.

За чудо немаше овации од лозарите, само малку луѓе, оние на кои не им беа зафатени рацете со јадење бесплатна неготинска пита,  му аплаудираа.

Не е дека јас така сакав да гледам, ама оваа слика на лозарите и празникот мислам дека не им се допадна ниту на ВМРО ДПМНЕ. Гледаат и сами дека земјоделците веќе не им веруваат, односно се прават дека ништо не гледаат,  во стилот земај кога ти даваат, бегај кога те тепаат, иако повеќе им остана  второво.

Ви гарантирам дека до другата недела на осиромашените земјоделци ништо нема да им остане од субвенциите. Ќе ги платат вересиите за препаратите и ѓубрето, ќе ги платат сметките, ќе се раздолжат по пријатели и роднини и толку, за една недела пак ќе  бидат без пари.

Иако Груевски негира, сепак на сите им е јасно дека измените на Изборниот законик ја погоди владата односно удри таму каде што беа најсилни, во земјоделските субвенции. Прво нема шанси до 3 март да ги исплатат сите заостанати милиони евра за земјоделците и сега ќе направат раскол, на едни ќе им пуштат пари, на други не. На тој што има 5 тони тутун нема да му дадат субвенции  туку пари ќе добијат петмина тутунари што имаат по еден тон тутун. Ќе се јави предизборно незадоволство и кај нивните гласачи бидејќи немаат пари за сите. Има земјоделци кои се уште ги немаат земено субвенциите за 2012 година, а дури сега почнаа да исплаќаат за 2013 година.

Нејсе, и  тие што сега ќе ги добијат, до 13 април пред избори се ќе заборават, пак ќе бидат без пари, затоа што катастрофална беше цела година во земјоделството. Субвенциите се мерка која ја имаат сите други земји, но им служи за поконкурентно производство, а не за да се покријат трошоците на земјоделците и пак да бидат на нула. Откупот на пченицата помина катастрофално, сеуште има неоткупена и неплатена пченица. Тутунот има ниска откупна цена, грозјето не е платено, а сточарите едвај врзуваат крај со крај.

Затоа почитувани граѓани мислам дека земјоделците од лани веќе не се истите, на повеќето од нив им е јасно дека владата со нив манипулира и им помага само  пред избори, како случајот со Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски и  Винеа. Самиот тој призна дека има лозари на кои Винеа три години им должи пари за грозјето и тоа сега им го решава пред изборите?!

Провидно и потценувачки за лозарите како што беше и вчерашната манифестација и прослава на Свети Трифун.

 На една страна задоволна Влада со ножиците в раце, а на другата страна лозарите со скроена и неизвесна реколта.

Пишува: Ленче Николовска – пратеник и претседател на Комисијата за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Македонија

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести