Во Скопје се одржува четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка

Од денеска до 26 јуни, Скопје е домаќин на Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка на тема „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“, во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан на вечерашното отворање истакна дека светот соочен со бројни предизвици, денес има луѓе чии срца се исполнети со мир божји.

-Ние не сме имуни на силите на историјата, но сепак не сме ниту беспомошни пред нив. Наша обврска е на секоја братоубиственост да одговориме со братољубие, на секоја екслузивност со инклузивност или како што советува царот Давид „да престанеме да зборуваме за мир, кога срцата ни се полни со зло и немир“. И навистина наоѓајќи се соочен со денешните длабоки предизвици, светот има потреба не само од стратегии за мир, туку и пред се од луѓе чии срца се исполнети со мир божји и не само да зборуваме за мирот, туку и да кажеме „Господ е нашиот мир“ како што истакнува светиот апостол Павле. Тогаш, и нашите дела, зборови и помисли, ќе станат вистинско сведоштво дека мирот одозгора може да се вкорени и да владее на земјата, на неа да завладее Божјата волја за мир во секој човек и мир меѓу сите луѓе. Знаејќи во какви времиња невремиња живееме, сите се прашуваме „Зошто ли во светот има толку многу  немири и војни? Зошто народите се во судири и семејствата се разделени, а луѓето се повознемирени?“ Всушност, мораме да признаеме дека немирите и судирите за жал не се ништо ново под сонцето – рече  г.г. Стефан.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема Шаќир Фетаи нагласи дека во свет соочен со конфликти, поларизација и недостиг на доверба, дијалогот останува најсигурниот пат за зачувување на човечкото достоинство, за зајакнување на меѓусебното разбирање и за градење траен мир.

-Политичка реакција! Тој е дел од нашата верска обврска и од нашиот институционален идентитет. Многу години наназад градиме односи на почит со другите верски заедници засновани врз комуникација, меѓусебно почитување и соработка. Во општество со длабоки историски чувствителности, дијалогот го гледаме како превенција, а не како реакција, како долгорочна инвестиција во довербата, стабилноста и соживотот. Меѓурелигискиот дијалог не е луксуз, ниту само идеал за иднината. Тој е морална неопходност и историска одговорност на нашето време – рече Фетаи.

Конференцијата претставува една од најзначајните меѓународни научни платформи посветени на религискиот дијалог, мирот, толеранцијата и соработката меѓу различните културни и религиски традиции. На годинашната конференција ќе учествуваат 79 еминентни професори, научници, истражувачи, верски претставници и дипломати од повеќе континенти во светот. Во претходните пет изданија на Конференциите за религиски дијалог и соработка (2019–2025) учествувале вкупно 424 учесници од 48 држави, со што оваа иницијатива се етаблира како една од најпрепознатливите меѓународни платформи за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог во регионот.

Особено се издвојува учеството на проф. Масимо Интровиње (Италија), основач и директор на Центарот за проучување на нови религии (CESNUR) и еден од најпознатите светски експерти за новите религиски движења; проф. Пабло Аргарате (Австрија), носител на УНЕСКО катедрата за интеркултурен и меѓурелигиски дијалог за Југоисточна Европа; проф. Џејмс Кеј (САД), поранешен декан и потпретседател на Princeton Theological Seminary; проф. Балаш М. Мезеи (Унгарија), еден од најистакнатите современи филозофи на религијата; проф. Марк К. Ли (САД), декан и претседател на Bexley Seabury Seminary и главен предавач (Keynote Speaker) на конференцијата; како и Сатубалди Буршаков, амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија. Покрај нив, на конференцијата ќе учествуваат научници и истражувачи од САД, Канада, Израел, Иран, Тајван, Аргентина, Холандија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и други држави од Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка.

Во рамките на конференцијата ќе се одржат пленарни предавања, тематски сесии и дискусии посветени на религијата и современите конфликти, религискиот национализам, миротворството, меѓурелигискиот дијалог, човековите права, културната дипломатија и улогата на религијата во современото општество.

Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Филозофскиот факултет во Скопје, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Општина Тетово и други институционални партнери. 

МИА

Најчитани вести