Куманово против Балкан во обид да ја прекине серијата порази

Кошаркарите на Куманово попладнево против Балкан ќе се обидат да ја прекинат низата од три порази во БИБЛ и со тоа да ја задржат предноста на табелата пред конкурентите за пласман на Завршниот турнир.

Денешното ќе биде четврто гостување по ред за кумановци во балканското натпреварување, па иако тимот на Горан Димитријевиќ пред крајот на календарската 2013 година го држеше првото место на табелата, сега, по поразите од Крајова, Приштина и Пеќ, падна на петтата позиција. Сепак и покрај падот на табелата, Куманово и натаму е во конкуренција не само за пласман во плејофот, туку и за директен пласман на Завршниот турнир, со тоа што лидерите на табелата имаат само една победа повеќе од македонскиот претставник.

Бугарскиот тим предводен од македонскиот тренер Александар Тодоров, денеска го игра својот трет натпревар по ред пред своите навивачи, а по победите над Приштина и Кожув, сериозно се вмеша во борбата за плејофот.

Натпреварот Балкан – Куманово почнува од 16 часот и 30 минути.

Утре својот натпревар од 13.коло во БИБЛ ќе го одигра Кожув, кој на домашен терен во Гевгелија ќе го пречека последно пласираниот Теодо.

]]>

Најчитани вести