Шпанскиот фудбалски клуб Валенсија го одложи летот за Киев каде што треба да игра натпревар со Динамо во 1/16финалето од УЕФА Европа лигата. Одлуката доаѓа по ново настанатата состојба во Украина и влошувањето на безбедносната состојба.
Според „Марка“ шпанскиот претставник во ова натпреварување ја чека конечната одлука на УЕФА за одложување на дуелот.
Претходно претставници на УЕФА беа во посета на главниот украински град и процениле дека состојбата е добра и дека може да се организира натпреварот.
Според најновите информации кои доаѓаат од Украина, во судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Киев загинаа 25 лица меѓу кои се девет полицијаци, а има преку илјада повредени.
Натпреварот Динамо Киев – Валенсија е закажан за утре со почеток во 20 часот и 45 минути.
]]>


