Три Норвежанки ги освоија првите три места на денешната трка маратон – масовен старт со слободен стил. До својот шести златен олимписки медал и трет на овие Игри стигна Марит Бјерген. Таа патеката долга 30 километри ја мина за еден час, 11 минути, пет секунди и две десетинки. За Бјерген денешниот медал е десетти од сите Олимпијади на кои учествувала. Втора на целта стигна Терезе Јохаунг со 2,6 секунди заостанување. Бронзениот медал е за Кристин Штоермаер Стеира со 23,6 секунди зад првопласираната сонародничка. За доминацијата на норвешките скијачки показател е и податокот дека четвртата која пристигна на целта имаше заостанување од една минута и 20 секунди зад Бјерген. Ова беше последната дисциплина во женското скијачко трчање на Олимпијадата во Сочи. Утре на програмата е машкиот маратон на 50 километри.
]]>


