Во неделата во Сочи се затворија Олимписките игри кои уште еднаш ни подарија вистински олимписки приказни.
Најуспешниот зимски олимпиец
Оле Еинар Бјорндален стана најтрофејниот зимски олимпиец во историјата. На свои 40 години го освои својот 13 олимписки медал. Овој норвешки биатлонец на своите први олимписки Игри настапил во 1998 година во Наган. Сега во Сочи освои две златни медали, во спринт на 10 километри и во мешовита штафета. Таа дисциплина своја премиера имаше токму во Сочи.
Големиот спортист сега има осум злата, четири сребра и една бронза. Оле со 13 освоени медали, го престигна својот сонародник 46 годишниот-Бјорн Дели. Овој поранешен скијач – тркач, во својата богата кариера освоил 12 олимписки медали.
Сестри освоја медали
Канаѓанките Жастин и Кло Дифор-Лапоант освоија злато и сребро во иста дисциплина слободен стил скијање – могулс. 19-годишната Жастин и 22 годишната Кло беа одлични во акробатско возење, а во настапот друштво им правеше и третата најстара сестра Максим, која го освои 10 место. Последни олимписки Игри во Сочи, на кои сестри освоија медали, беа Игрите во Инсбрук во 1964 година. Тогаш тоа им успеа на Французинките Кристин и Мариел Гошел во слалом.
Најголемата светска ѕвезда во Сочи
Познатата светска виолинистка Ванеса Меј настапи во велеслаломската трка во Сочи застапувајќи го Тајланд. Ванеса со потекло е од Тајланд, па и скијаше под името Ванеса Ванакорн. Можност за настап атрактивната естрадна ѕвезда стекна поради олимписките квоти кои на многу спортисти, посебно на аматери, овозможуваат да настапуваат за малите земји. Посебно ако тие не се традиционално зимски.
Меѓународниот олимписки комитет тоа посебно го сака. Бидејќи зимските игри вообичаено не се толку атрактивни и со помал број на учесници. Така Ванеса Меј успеа да извози два пати велеслалом, беше најбавна, зад победничката Тина Мазе заостана 50.10 секунди, но по трката беше пресреќна:
– Беше многу убаво, гужва, добра атмосфера, луѓето ти викат ајде Ванеса. Се чувствував прекрасно. Тоа е олимписки дух и да се биде мал дел од таа цела приказна е навистина посебно чувство – изјави по остварувањето на нејзиниот сон.
Контроверзен руски медал
Родениот Американец Вик Вајлд освои златен медал во паралелен велеслалом во сноуборд, но за Русија! Имено, американскиот скијачки сојуз пред неколку години донесе одлука дека повеќе ќе инвестира во сноубордаши кои возат halfpipe и slopestyle. Во тоа време, Вик се оженил со руската сноубордашка исто така олимпијка Алена Заварзина.
Така му се пружи прилика да настапува за Русија. Изјавил дека сака да го примат во сојузот и дека нема да зажалат. Таа одлука сега им се исплатеше. Вик потоа за американските медиуми изјави дека воопшто повеќе не размислува за тоа дека повеќе не настапува како Американец. – Јас сум сега Русин. Можеби се уште не зборувам течно руски и не ја разбирам културата во целост, но живеам тука.
Олимписко златно срце
Оваа титула ја освои слободниот скијач, Американецот Гас Кенворти од Колорадо. Се натпреварува во дисциплина slopestyle, а срцата на многу љубители на животни ги освои кога на својот профил на Твитер објави фотографија со напуштени кутриња кои ги нашол во Сочи. Приказната за кутрињата скитници кои беа убивани пред Олимписките игри беше една од тие црни приказни на Сочи, кои се обидоа да ги сокријат зад сјајот на омиленото летувалиште на Путин.
Таа приказна крена на нозе разни здруженија за заштита на животни во светот, а рускиот милијардер Олег Дерипаска набрзина финансираше изграден азил за кучињата скитници. Гас вдоми четири кутриња и нивната мајка, а за нив успеа да организира и вакцинација. Изјави дека ќе се обиде да добие и дозвола да ги земе со себе во САД и таму да ги даде на вдомување. Едно кутре сигурно ќе остави за себе.
Најголеми губитници во Сочи
Њујоршките богаташи, Гери и Анџелика ди Силвестри требаа да настапат во трките на скијачко трчање застапувајќи ја малата карипска држава Доминика. Имено, нивното почесно државјанство го добиле благодарение на хуманитарна дејност. Кога Доминика се одлучила да основа репрезентација за ЗОИ, Ди Силвестри се вклучиле. Основале скијачки сојуз и учествувале на доволен број натпревари во скијачко трчање да се изборат за настап во Сочи.
Гери на отворањето носеше знаме на Доминика, но тука нивната олимписка сказна заврши. Прво Гери се разбудил со грчеви во стомакот и завршил во болница со дијагноза на акутен бактериски гастроентритис. Причина била пукната цевка во олимпиското село. Водата во тушот била темна, Гери тоа не го забележал и со таа вода ги измил забите. Така се измил и неговиот олимписки сон.
Откако сопругот го оставила во болница, Анџелика отишла да ја испроба олимписката патека. Но, изгубила рамнотежа во една кривина, падна и удри во заштитната ограда. Помина низ две операции на носот. Но, кога ќе те погоди, тогаш те погодува до крај. Подготвувајќи се за дома во САД, добиле известување дека таму ги чека обвинение за даночна измама…
Најстар олимпиец со медал
Финската хокеарска репрезентација во Сочи освои бронза. Со висок резултат 5:0 ги победија САД, а двојниот стрелец за Финците беше легендарниот хокеар Тим Селани. Ветеранот Селани со 43 години и 234 дена стана најстар хокеар во историјата со олимписки медал околу вратот. The Finnish Flash, како што популарно го нарекуваат Селани, игра на позиција десно крило и се уште настапува во НХЛ, игра за Анхеим Дакс.
]]>


