Со самиот почеток на проектот Скопје 2014 можеше да се насети нешто необично, чудно во политичкиот и општествениот живот вo државата. Додека домашните и странските архитекти се чудеа каде оди модерно Скопје, некои други правеа урбанистички планови, архитектонски проекти и се изживуваа со градот. Се случија и мирни протести на архитектите, но и во тој момент видовмеза прв пат во Македонија, чудна реакција на група млади луѓе по директива донесени да извршат погазување на Уставното право кое го има секој граѓанин,а тоа е правото на протест.
Всушност, тука почна поделбата на државата по секој основ: патриоти и предавници, верници и неверници, антички и словенски македонци, сдсмовци и вмровци, наши и ваши, а она што е најстрашно поделба по етничка основа. Ситуацијата ескалираше во „битката“ на Кале во 2011-та година каде што млади луѓе ги исправаа погрешните политики со палки и камења. За жал не успејаа да ги исправат политиките, напротив ги усложнија дополнително.
Сите разговараа за архитектонски стилови, за скулптури и лавови за порти и фонтани, огради на мостови и галии во Вардар. Всушност, сите разговараа за фасади и маски. Фасади за покривање на реалноста, фасади кои почнаа да се шират и да го напаѓаат градот. Се ширеа како метастаза низ улиците. Почнаа да се „лепат“ и на стари објекти, кои несомнено претставуваат културно наследство на Македонија, а притоа се погазија и авторските права. Како пример би ја споменал зградата на Владата која е една од најуспешните дела на Петар Муличковски и прекрасниот Градски Трговски Центар на Живко Поповски кои се под перманентен атак за нивно обезличување.
Несомнено е дека власта го изгуби компасот. Се потрошија стотици милиони евра за мермер и бронза, а граѓанинот го оставија сам на себе да живее од ден за ден во беда и сиромаштија.
Скопје во ниту еден момент не стана туристичка дестинација, ниту пак државатаја намали невработеноста преку вработување на туристички водичи, напротив Скопје стана град за потсмев, најмногу затоа што политиката ја прегази архитектурата. Почнаа да доаѓаат странски туристи, но не за да видат нешто убаво, туку за да видат како не треба да се проектира и гради.Додека сите ние зборуваме за архитектонски стилови, фасадите и маските продолжуваат со несмален интензитет и по сите линии на општеството.Убеден сум дека е депласирано и во најмала рака некоректно, во држава со 30% невработеност и стотици илјади претежно млади луѓе кои ја напуштија државата во последните години, ние да зборуваме за архитектонски стилови. А за нив само би додал дека во 21-ви век во моменти кога цел свет се врти кон новите напредни системи на градењето, кон енергетска ефикасност и таканаречените пасивни објекти, мојата чудесна земја Македонија залута во 17-ти и 18-ти век и кон одамна напуштените архитектонски стилови.
СДСМ заедно со граѓаните е на правиот пат за да го запре барокното лудило, а за досега „остварениот“ архитектонски отпад кој ја нападна метрополата ќе оставиме да изучуваат и пресудуваат идните генерации. Во меѓувреме, маските почнаа да паѓаат…
дипл. инж. архитект Благој Бочварски, член на Извршниот Одбор на СДСМ]]>


