Македонската фудбалска репрезентација утре ќе ја пречека Летонија во пријателски натпревар за кој во нашиот табор веруваат дека е убава можност за нов почеток кон еден успешен подготвителен период за квалификациите за Европското првенство 2016.
На утрешниот дуел деби на селекторското место ќе има Бошко Ѓуровски кој побара од своите избраници храбра игра и победнички менталитет.
– Сакам средбата со Летонија да ја искористиме за подигање на самодовербата кај играчите и создавање на победничко расположение. Ќе настојувам да играме агресивно и максимално ангажирано и само на таков начин ќе можеме да се надеваме на успех. Сакам играчи-победници кои не се плашат од ниеден противник, изјави Ѓуровски на денешната прес-конференција.
Македонскиот селектор нема да ги има на располагање Николче Новески и Горан Пандев, а како идни лидери во репрезентацијата ги гледа Агим Ибраими и Иван Тричковски.
– Од овие двајца ќе барам да го поведат не само нашиот напад туку и целиот тим. Тие имаат квалитет за такво нешто. Во добра форма се и тоа го покажаа на последните првенствени натпревари за нивните екипи кога постигнаа голови, Ѓуровски.
Подготвеност во целост да се одговори на задачите од селекторот искажа Агим Ибраими.
– Одиме на победа против Летонија. Ако играме агресивно, борбено и со желба за добар резултат ќе може да очекуваме успех. Ова е нов циклус, нов почеток и ќе се потрудиме да го дадеме максимумот на секој следен натпревар, вели фудбалерот на Каљари Агим Ибраими.
Тричковски посакува победа и враќање на навивачите на трибините.
– Пријателски натпревар, но од сега па натаму за нас секој натпревар ќе биде важен и на секој натпревар ќе одиме на победа затоа што само така ќе може да ја кренеме самодовербата и ќе ги вратиме навивачите на трибините. Ќе се потрудиме, ќе дадеме се од себе да го добиеме овој натпревар, вели Иван Тричковски.
Натпреварот Македонија – Литванија ќе се одигра утревечер од 19 часот на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје.
]]>


