Што испливува на површина заради овој ден?

Онака баш искрено, многу ме нервира утрешниот празник. Можам сега да фатам да го расправам клишето како требало да сме ценети секој ден, нели, а не само еден од годината, па како денов е исклучително искомерцијализиран и сведен на стресови што да се купи и слични други бла бла бла бла бла бла бла вообичаени осмомартовски сентенци.

Можам да фатам и да расправам дека навистина повеќе би ни личело како на жени во 21-от век да си го браниме денов од напливот на квази емоциите и бомбрадирањето со крпи, тенџериња, цвеќе, пластика, чаши и останатиот декор препознатлив за оваа дешавка, со тоа што ќе почнеме да чувствувавме потреба да иницираме нешто сосема поинакво. Нешто што ќе нè оддалечи и ќе нè подигне над фризурите подготвувани за денес или утревечер, од новите кондури во кои херојски ќе издржиме кога препотени ќе се вртиме во здушно женско оро, додека мажите ќе си ги оставиме дома да гледаат фудбал, од екскурзиите во кои ќе теглиме кеси, измрцварени од шопингувањето во името на празникот.

Нешто што ќе подразбере сериозен муабет во дебата, трибина, округла маса или како сакаш наречи го, но да биде форма низ која ќе се прашаме меѓусебно каде е жената денес – барем заради оние жени од кои секоја 4-та е жртва на физичко и психичко насилство, заради младите девојки кои не го чуваат своето здравје и кои стануваат пациенти на се помлади години, заради истите тие млади девојки на кои младешкиот живот се почесто и се повеќе им подразбира пијанчење низ баровите во филмот „ин“, заради нехуманите услови за работа на работничките низ фабриките, заради бремените жени кои се поттикнуваат на раѓање, а имаат потешкотии со вработувањето заради тоа што ќе станат мајки, заради…

Има многу причини зошто овој ден веќе не треба да подрабере „ваучер за еднодневен третман во салонот за разубавување на животот“, затоа што тој утре пак ќе биде истиот како денот вчера. Впрочем, конечно морам да признам дека директен повод за писаниево е пред сè општата гужва низ градов, која ме заморува во својата непотребност, а потоа и еднa мала сликичка од животот од пред малку, која само ми отвори ново прашање: „Што испливува на површина заради овој ден? Што е она на што во целата приказна ги учиме децата и како пропуштивме да ги научат оние вистинските нешта?“

Две девојчиња во рана тинејџерска возраст, повисоки одделенија во основно, би се рекло. Турканици на малиот плоштад каде се позиционирани бројни тезги со сенешто, па мора да се провираш меѓу луѓето за да поминеш. Ечи музика, ечи „100 динара, само сто динара, ајдееееее“ и наеднаш се најдов во состојба да морам да застанам и да се обидам да бидам трпелива додека редицата отспротива не се смилостиви да застане. Двете девојчиња до мене зборуваат на глас: „Имамо доста паре, што знам. Ми смо 25, свак по 200 денара, има за свите. Ај за класну нешто посаглам, такој нешто како ташња или што знам, за онуј по македонски едн букет потакој, онај по историју може едну ружу и доста ву е. А па на онуј по… мислу дека ништо не треба да ву купимо. Бш треба и да не ву ни честитамо, па нека види она како се пишуев единице, нека пукне кд ќе види свите нешто носив, а она муцке.“

Другото девојче низ кикот вели: „Ама па знаеш ли колко паре ќе ни останев? Ми смо собирале да купимо за свите, а сг…..“

-„Е ако де, што има везе? Сви ќе си идемо после у Џу џу бургер на сендвичи и готово. Зашто па да арчимо паре на некои тамо, не ли е такој? Она на нас (со крештав глас, подигнат за октава, кој имитира професорица во години, би се рекло) – вие деца ништо не учите, срам да ви е. Сга да видимо кој ќе се срамуе.“.

Доби здушна кикотлива потврда на излагањето, а јас добив инстант главоболка право вчело и со мака се проврев низ масата луѓе, речиси поттрчнувајќи за да стасам дома што побрзо и да се скријам од дозата очај кој ми седна на плеќите.

sekirarska1

]]>

Најчитани вести