Женскиот ракометен шампион на Македонија, Вардар СЦБТ во недела го игра натпреварот од последното 6.коло од групата 1 од Лигата на шампионите.
Во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува шведскиот првак Савехоф, екипа која е последна во групата и без шанси за полуфиналето. За разлика од нив македонскиот првак е пред големо искушение. Натпревар кој мора да се победи и со тоа да се избори пласман во полуфиналето, односно на завршниот турнир во Будимпешта.
На денешната прес-конференција тренерот на Вардар СЦБТ, Индира Кастратовиќ изјави дека играчите се свесни за значењето на овој натпревар.
– Знаеме дека со победа ќе ја постигнеме целта. Очекувам добар натпревар и воедно добар резултат. Исто така, се надевам на полна сала и на влез на завршниот турнир, рече Кастратовиќ.
Левото крило на „црвено-црните“ Французинката Сираба Дембеле игра во добра форма.
– Ова за нас ќе биде последен натпревар на домашен терен. Убаво ќе биде со победа пред полна сала да заминеме на завршниот турнир. Ова е важен натпревар за која работиме целата година. Очекувам два бода и наш пласман на „фајнл фор“, изјави Дембеле.
Натпреварот ЖРК Вардар СЦБТ – Савехоф се игра во недела со почеток во 18 часот, а од 16 часот играат Митјиланд – Турингер.
Во групата 1 на првата позиција е Турингер со 7 бодови, пред ЖРК Вардар СЦБТ 6, Митјиланд има 5, а Савехоф 2.
]]>


