ЖРК Вардар СЦБТ го оствари најголемиот клупски успех во својата историја обезбедувајќи пласман на завршниот турнир од Лигата на шампионите.
Местото меѓу четирите најдобри екипи во елитното натпреварување македонскиот првак го избори со вечерашната победа над шведскиот претставник Савехоф со 24:18.
Преку 5.000 гледачи во СЦ „Борис Трајковски“ во текот на сите 60 минути им даваа голема поддршка на нашите ракометарки на кои и бод им беше доволен да ја постигнат целта.
Вардарки имаа решителен старт да се обезбеди победата што е можно порано и во 10.минута имаа водство од 6:0. Но, големата негатива не ги обесхрабри гостинките, па тие возвратија со пет голови во серија. Вардар го одржуваше водство од 1-2 гола и на полувреме се отиде со 11:9. Швеѓанките одлично го отворија второто полувреме со 3:0 за нивно прво водство на натпреварот 12:11. Следуваше одговор од избраничките на Индира Кастратовиќ и враќање на предноста која во 40.минута изнесуваше 16:13. На 15 минути до крајот Вардар водеше со 17:13 и веќе се наѕираше големиот успех.
Последната четвртина од средбата „црвено-црните“ ја одработија рутинирано и заслужено на крајот се радуваа. Најефикасни во домашниот состав беа Андреа Лекиќ со 7, Јованка Радичевиќ, Пино и Татјана Хмирова имаа по 4 реализации. Голот на Вардар одлично го чуваше Ина Суслина со 20 одбрани. Кај Савехоф Јамина Робертс постигна 6 голови, Јохана Бундсен запиша 21 одбрана.
На првиот денешен дуел од последното 6.коло во групата 1 Митјиланд – Турингер 26:20. Конечен изглед на табела во оваа група: ЖРК Вардар СЦБТ 8 бодови, Митјиланд 7, Турингер 7 бодови, Савехоф 2. „Фајнл фор“ турнирот ќе се игра во главниот унгарски град Будимпешта, а Вардар во полуфиналето ќе игра со Будуќност, првакот на Црна Гора.
]]>


