На средбата одиграна попладнево во Гевгелија, во рамките од 17. коло на БИБЛ лигата кошаркарите на Кожув беа подобар противник од Куманово и се радуваа на победа со 104:86. Најзаслужни за триумфот на гевгелискиот клуб беа Миладин Пековиќ, кој постигна 20 поени, Славен Чуповиќ со 17 и Златко Гоцевски, кој придодаде 16 поени.
Овој натпревар немаше никакво значење за Кожув, а победа за Куманово ќе значеше пласман во следната рунда. Судбината на кумановци сега зависи од исходите на два натпревари. Тие најнапред ќе го исчекуваат резултатот од дуелот, кој е во тек, а се игра во Романија меѓу Крајова и Сигал Приштина. За нашиот тим да ги сочува шансите за шестото место, потребна е победа на косовската екипа, предводена од поранешниот селектор на Македонија, Марин Докузовски.
Потоа, ќе мора да го чекаат и исходот од натпреварот меѓу Балкан и Пеќ, закажан за 25 март, во кој кумановци ќе се надеваат и навиваат за победа на бугарската екипа. Само на тој начин екипата на Куманово ќе го освои шестото место, а со тоа ќе обезбеди пласман во разигрувањето односно четврт-финалната рунда.
Табела: Галил Гилбоа 26 бодови, Сигал Приштина 23, Левски 23, Теодо 23, Балкан 22, Куманово 22, Пеќ 21, Крајова 21 и Кожув 20.
]]>


