Македонскиот ракометен тим Металург трета сезона по ред е учесник на осминафиналето од Лигата на шампионите. Оваа сезона противник им е составот на Колдинг од Данска, екипа која во групната фаза имаше најмалку примени голови (240).
На денешната прес-конференција тренерот на Металург, Лино Червар истакна дека ракометарите на Металург имаат обврска заради навивачите да играат борбено, иако за противник имаат состав на играчи кои се во „зрели“ години и кои имаат освојувано медали на големите натпреварувања.
– Екипата од Данска е за респект, со добра одбрана, која ќе треба да ја развлечеме за да добиеме повеќе простор. Ние сите ги почитуваме, но не се плашиме од никој, а дома сакаме да победуваме. Можеби Колдинг е фаворит во двомечот, но не победуваат секогаш фаворитите,истакна Червар.
Последниве денови на тренинзи со екипата се врати и Павел Атман, кој имаше повреда по враќањето од Европското првенство, а во редовен ритам е и Ренато Вугринец, додека проблем со поверда има и Лука Циндриќ.
Червар напомена дека сите што ќе истрчаат на терен ќе мора да прикажат максимална борбеност.
– За противник имаме искусна и силна екипа, која не е од рангот на Барселона или ПСЖ, но сепак ова е квалитетен ривал. Ќе мораме да внимаваме да не го „разбраниме“ нивниот голман Каспер Хвид, а притоа нашите голмани да имаат околу 15 одбрани. Така ќе имаме шанса за позитивен резултат, а потоа на реваншот во Данска да „бркаме“ четвртфинале, изјави Филип Миркуловски.
Натпреварот Металург – Колдинг се игра во недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 16:55 часот.
]]>


