Блатер: Проблемите решени, Сао Паоло подготвен за Мундијалот

Претседателот на Светската фудбалска асоцијација Сеп Блатер потврди дека стадионот во Сао Паоло на кој треба да биде отворено Светско првенство ќе биде подготвен за големиот настан закажан за 12 јуни.

– Проблемите со стадионот во Сао Паоло се надминати и тука ќе може да се одигра првиот натпревар на претстојното Светско првенство, рече Блатер во своето обраќање на Конгресот на УЕФА во Астана, главниот град на Казахстан.

Мундијалот кој во Бразил ќе се одржува од 12 јуни до 13 јули ќе биде отворен со дуелот Бразил – Хрватска.

Стадионот каде што треба да се одржи оваа средба имаше застој во изградбата поради несреќата со дигалката во ноември минатата година при што загинаа двајца работници. Инцидентот придонесе да се доцни со испорака на потребните градежни материјали, а подоцна се јави проблем и со финансирањето. Сепак со кредит од Националната банка за развој вреден 81 милион евра комплетирана е финансиската конструкција и се очекува во најскоро време на стадионот да биде извршен техничкиот прием.

Блатер се осврна и на атмосферата во Бразил околу Мундијалот, а потсети и на социјалните протести одржани во оваа земја за време на Купот на конфедерации минатата година.

– Се надевам дека веќе нема да се повторат настаните кои го следеа Купот на конфедерациите кога турнирот се искористи да се организираат социјални протести. Верувам дека тоа нема да се случи за време на Светското првенство, истакна првиот човек на ФИФА.

]]>

Најчитани вести