Иџе оптимист пред стартот на новата сезона

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе е оптимист во пресрет на новата сезона во автомобилизам од Европското првенство на ридски патеки. Пред него е најголемиот предизвик во неговата кариера – 12 трки на најдобрите ридски патеки на Стариот континент против комплетната европска елита во оваа дисциплина од авто-спортот.

Со возилото „Mitsubishi Lancer EVO IX“ тој ќе се напреварува во Група Н каде што традиционално и конкуренцијата во категоријата на автомобили е најголема.

Минатата сезона Стефановски настапи на две трки од Европскиот шампионат, во Рехберг, Австрија каде што го освои петтото место и на последната трка во Бузет, Хрватска. Токму фантастичниот настап во Бузет дава надеж дека Стефановски има шанси против европската елита. На легендарната хрватска патека Стефановски заврши на второто место во групата Н, но за жал, беше „жртва“ на игрите за конечниот пласман, па по трката беше дисквалификуван поради банална причина поврзана со дел од клима уредот.

Сепак, по трката, Хрватите не го криеја своето одушевување од Стефановски најавувајќи во нивните медиуми дека на европскиот асфалт се раѓа нова ѕвезда.

– Бузет можеше да ми биде најдобрата трка во досегашниот тек од кариерата, но место тоа, заврши како едно од најголемите разочарувања. Сепак, таа приказна е завршена и во основа, од оваа перспектива, тие случувања беа голема школа за она што ќе не очекува оваа година, не само на асфалтот, туку и вон него. Исто така позитивно е што тие моменти во Бузет покажаа дека веќе на нашиот тим не се гледа само како на симпатични гости од мала земја без голема традиција во автомобилизмот, туку како некои кои може сериозно да ги поматат сметките на фаворитите и да бидат жестока конкуренција, рече популарниот Иџе.

Европската авантура на тимот на Стефановски започнува на 12 април за кога е закажана првата трка од шампионатот во Сент Жан Ду Гард во Франција.

– Стартот од шампионатот ќе биде мошне напорен затоа што три од првите четири трки се воедно и оние кои се најдалеку. По Франција следи Австрија, а потоа не чека големо патешествие во мај со трките во Шпанија и Португалија. Сето тоа ќе бара и дополнителен ангажман од тимот, но иако не чека пат во непознатото веруваме дека сме добро подготвени достојно да ја преставуваме нашата земја и македонскиот автомобилизам, вели Стефановски.

]]>

Најчитани вести