Ацо Кабранов: Значка, од ТИКВА рачка…

Е мој ректоре, ректоре. Вчера сватив зошто „сакате“ дебата, ама нејќете тв камери, пардон, дебата сакате, ама не во студио пред публика. Кога го рековте тоа ми беше смешно, ама по вчерашниот циркус во парламентот во кој вие бевте КЛОВНОТ, ми стана јасно од кај ви ДУВАЛ стравот. Ете, вие подобро од сите нас сте го знаеле карактерот на пастирот…

Што убаво пред некој ден, онака предновогодишно ве накитија, некакво одликување, па ордени, сликање со камери, коктели, трте-мрте, и то… Новогодишно пакетче од пастирот, за ИМПАКТ факторот КЛИМОГЛАВЕЦ, или ако сакате аминување и молчење на секоја глупост или маалска финта што ја прави со вашите колеги семоќниот ВОЖД, чинам од лична причина, да им наплати за сите кецови во школо и слабите 6-ки на факултет.

Туку и голем дел од нив, професорите, си заслужија да ги понижува, омаловажува, да им дели лекции, оти, еве 9 години устите им се залепени со фластер, и гледаат само како да се доближат до него за да им фрли некое проектче, некое евро, де… Еве ќе биде цела декада, како живееме со замолчена, уплашена или купена интелигенција, со академици кои така одважно се беа наредиле на баци рака и автограм од месијата МАГИСТРАНТ.

Туку, ректоре Стојковски, тој што ве избрал, тој има и право да ве кити ама и да ве откитува. Е вас, ако не сакате себеси да си признаете, вчера тоа ви се случи. Во ректорската фотелја еве, втор мандат седите, благодарение на желбата на пастирот, не на вашите колеги, впрочем тоа вие подобро го знаете од мене.

А што мислите, зошто ве седна во ректорската фотелја. Да климате со глава, така како што до вчера години наназад понизно правевте. Ве немаше нигде летово кога со ваши колеги професори, друг еден ректор од Штипскиот универзитет, со амин на пастирот се изживуваше и на крај и ги истера од факултетот. Не бекнавте. Ве немаше нигде и на протестите на вашите студенти, се сокривте од нив, наместо да застанете во првите редови како што личи на, според мене, првите македонски автентични студентски протести, колку и да сака власта да им наметне политичка боја. Тие ви ја бранеа автономијата а вие ја здувнавте во Кина, така некако, нели.

Поважни ли ви беа ордените од нив, од автономијата на институцијата што ја водите, или тоа ви беше добар изговор пред јавноста, но пред се, пред вашиот пастир. Ама нели, игрите, ако не се искрени и чесни, еден ден, колку и да ги играте вешто, нивните валканици сакале или не, испливуваат. Епа така и со вашето РЕКТОРУВАЊЕ. По вчерашниот ЈАВЕН УКОР од шефот дека на испит сте дошле, чинам, ви рече НЕСПРЕМЕН, не знам како ќе се вратите во ректорскиот кабинет.

Знаете, маалски финтаџии како што е ПАСТИРОВ, ви реков, и КИТАТ ама и РАСКИТУВААТ. Да ми простите, кај нив важи правилото, си правам како ќе ми прдне на памет. Па така, сега тоа одликувањето од пред Нова година де, не ви е ништо друго туку ЗНАЧКА ОД ТИКВА РАЧКА, и да сум на ваше место, ќе си седам ДОМЧЕ а битката за автономијата ќе им ја оставам на вистинските борци, не на лажњаци, простете, но, каков што сте ВИЕ.

Ацо Кабранов

Извор: Либертас.мк

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести