За да не се малтретираат граѓаните и да носат банкарски потврди за состојба на сметките, а воедно и да се намалат гужвите по шалтерите, државните институции наместо нив ќе ги добиваат податоците.
Ова е причината поради која се носат измените во Законот за банки, велат од министерството за финасии. Со измените на Законот за банки се шири листата на институции што ќе имаат пристап до сметките на сите оние кои ќе сакаат да остварат одредени социјални права, права од вработување и здравствено осигурување.
Првиот финасиер Зоран Ставрески уверува дека податоците ќе бидат обезбедени во стрикно доверлива процедура.
Дел од економистите во ова решение препознаа обид вештачки да се намали бројот на невработени, но и да се намали бројот на корисници на различни видови на државна помош.
Со измените им се дозволува и на Агенцијата за вработување, министерството за труд и социјална политика и Фондот за здравствено осигурување да можат да имаат увид во банкарските сметки на граѓаните кои ќе сакаат да остварат одредени права.
Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека увидот во банкарските сметки ќе се врши со претходната согласност на граѓаните, а целта е да се намали злоупотребата на користење на социјална и постојана парична помош.
Се планира увидот во финанскиската состојба во банките да се врши доброволно врз основа на изјава и претходна согласност од примателите на правата. На овој начин ќе се намали злоупотребата на паричните права и ќе се оневозможи помошта да ја остваруваат лица кои не ги исполнуваат условите, а ќе се овозможи средствата да се наменат за оние граѓани кои се реално во потешка матријална сосотојба и се наоѓаат во социјален ризик, велат од Министерство за труд и социјална политика.
Според измените кои веќе в понеделник се на дневен ред во собраниската матична комисија за финасирање и буџет, банките ќе потпишуваат меморандум со институциите со кои ќе се обврзат да ги даваат податоците.
Извор: 24 Вести


