Швајцарско цунами, Франкогедон, ова се само дел од реакциите на светските медиуми по денешната шокантна одлука на швајцарската национална банка да се откаже од тригодишните обиди вештачки да ја одржува вредноста на франкот на пониско ниво.
Само неколку минути по соопштението на банката дека ја укинува границата што спречуваше еврото да падне под 1,2 франци, швајцарската валута се качила на 0,8517 за едно евро.
Околу 13 часот вредноста на двете валути речиси се изедначила, па за едно евро требало да се издвојат 1,02 швајцарски франци.
Националната банка на Швајцарија соопштила дека мерката што ја вовела во септември 2011 за заштита на швајцарската економија поради сериозните ризици од европската должничка криза повеќе не е оправдана.
Денешната одлука на швајцарската национална банка е цунами за извозната индустрија и туризмот и конечно за целата држава, оцени Ник Хајек, извршен директор на компанијата за производство на часовници Своч.
Првиот човек на швајцарската национална банка, Томас Џордан, подвлече дека одлуката за укинување на ограничувањето на растот на франкот, била донесена затоа што едноставно веќе била неодржлива.


