Мареј го обвини Ѓоковиќ за симулирање повреда во третиот сет од финалето во Австралија

Енди Мареј како причина за поразот во финалето на Австралија Опен, ги наведе физичките проблеми на Новак Ѓоковиќ во третиот сет. Тоа според шкотскиот тенисер било причина за пад во неговата игра, иако тешко може да се објасни кризата во која тој изгуби 12 од последните 13 гемови.

По израмнувањето на 1:1 во сетови, Мареј водеше со 2-0 во третиот, но на крајот го изгуби натпреварот со 7-6 (5), 6-7 (4) 6-3 6-0, под светлата на Род Лејвер Арената, доживувајќи го својот четврти пораз во финалето на Австралија опен и трет против Ѓоковиќ.

Србинот падна на теренот неколку пати во почетокот на третиот сет и изгледаше драматично помеѓу поените, но по спасувањето на брејк при 3-3, првиот носител дојде до својата петта титула во Мелбурн парк, без никаков знак на физичка болка.

– Во третиот сет беше фрустрирачки, бидејќи бев малку исфрлен од ритам кога тој падна на земја, по неколку удари – им изјави на новинарите двојниот грен слем шампион Енди Мареј – изгледаше дека се работи за грчеви, но сето тоа некако ми го одвлече вниманието.

– Многу сум разочаран, не толку од четвртиот сет, бидејќи мислам дека особено на крајот, него сè му поаѓаше од рака, и тоа се случува. Но третиот сет беше повеќе од фрустрирачки за мене – рече Енди.

djokovic_povreda

Мареј беше запрашан дали тоа било тактика на Ѓоковиќ.

– Се надевам дека немаше намера. Но, ако беше грч, како тој толку бргу закрепна? Тешко е толку бргу да се опорави и да одигра како што направи на крајот – вели Мареј.

– Јас сум фрустрирани од себе бидејќи бев спречен во почетокот на третиот сет. Играв добро, имав добар моментум, а потоа едноставно паднав во тие 10 минути и бев исфрлен од ритам – изјави Енди Мареј.

Ѓоковиќ изјави дека не страдал од грчеви или некакви сериозни повреди, а неговите проблеми ги опишал како “физичка криза”, што траеше 15 или 20 минути.

– Јас бев само слаб – рече тој – заради должината на поените. Кога го надминав овој период, верувам дека се здобив со потребната сила.

Најчитани вести