Репрезентацијата на Гана избори пласман во финалето на Африканскиот куп на нации, откако синоќа во полуфиналето го победи домаќинот на натпреварувањето Екваторијална Гвинеја со 3:0.
Гана предноста ја обезбеди во финишот на првиот дел кога поведе со 2:0 со головите на Џордан Ају во 42. минута (пенал) и на Вакасо Мубарак во 45. минута. Во вториот дел Ају мрежата на домаќинот ја затресе и по вторпат во 75. минута за конечни 3:0.
Натпреварот го одбележа и прекинот во 80-та минута, а причината беа незадоволните домашни навивачи. Прекинот траеше 30-тина минути, а полицијата мораше да употреби хелихоптер и солзавец за да ја растера толпата.
Гана во неделното финале ќе игра против селекцијата на Брегот на Слоновата коска, која во првото полуфинале славеше со 3:1 над ДР Конго. Во сабота се игра натпреварот за третото место меѓу Екваторијална Гвинеја и ДР Конго.


