Интелигентен потег од опозицијата со денешниот избор на материјалите и “соговорниците”. Избор кој беше во функција на тнр “доказно тело”, како метод да и се докаже на другата страна (Груевски, Ахмети, Тачи) дека “материјалот е жив”, дека бомбата не е фиктивна и дека намерата да се објави не е блеф. Во тоа е разликата помеѓу пристапот на опозицијата денес, и кукавичлукот на агентите на Мијалков кои фрлаа/наоѓаа досиеја по дворови и со тоа ги обезвреднуваа самите доказни материјали и аргументи.
Денешните материјали не нудат нешто ново во смисла на сомнежи за кои и досега бевме свесни, но се важни бидејќи досега тие сомнежи можеа лесно да бидат побиени и отфрлани како “урбани митови” и опозицијски шпекулации. Отсега понатаму, сите сомнежи за делата на власта веќе имаат институционална подлога и се цврст аргумент пред домашната јавност и делот на меѓународната заедница наклонета кон власта кога со потсмев целат да ги побијат поплаките на опозицијата.
Вториот битен аспект е увидот во внатрешните односи помеѓу членовите на фамилијата, омразите, симпатиите, пакостите, местенките, презирите, наклонетостите – како лични, така и регионални помеѓу претставници од различни подрачја (познатиот подсмешлив однос кон “источната сељачана”). Интересно е да во гласовите се насетуваат подсмешливите тонови на функционери кон шефот, со сублиминални оптужби за незнаење и неразбирање и слични типични бирократски подлости. Тие мали детали се доволни да досегашната мистичност и легендарско херојство на славните вмровски легенди се пресврте во потсмешлив презир за нивниот простотилак, глупавост и вократко потпросечна смртничка интелигенција и морал.
До овој момент, опозицијата успеа да ја амортизира и оттапе аргументацијата на власта која од комфортот на темницата сега се наоѓа во центарот на истражните рефлектори на гневната јавност. Во најдобар случај за нив, нивните аргументи се можеби само приближно рамномерни со оние на опозицијата, но никако доминантни.
Но затоа, во зависност од што ќе биде објавено во следните денови, опозицијата може да се соочи со критики и судири од внатре поради сомнежи за непринципиелна класификација и селекција на доказите и нивна злоупотреба во тесно-партијски интереси. Ризикот од таква реакција е реален и веќе присатен, и како таков може да биде искористен и злоупотребен за внесување раздор и слабеење на офанзивнта монолитност и мобилност. Да, СДСМ доби инструмент на моќ во свои раце. Но доколку во користењето на тој меч на правдата се надвие барем малку сенка сомнеж за договорена амнестија поради политички интерес, може да се случи да – пред самата порта на победата – Заев и Шеќеринска бидат понижено потсетени дека мечот секогаш има две оштрици.
Фејсбук статус на Арсим Зеколи


