Скопје од денеска до 26 јуни е домаќин на четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка на тема „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“, во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
– На свеченото отворање на конференцијата вечер во 18 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе се обратат: државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска Ѓоргова, проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ратко Дуев, раководител на Центарот за интеркултурни студии и истражувања, проф. д-р Масимо Интровиње (Италија) и неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан – најави Центарот за интеркултурни студии и истражувања.
Конференцијата, посочуваат организаторите, претставува една од најзначајните меѓународни научни платформи посветени на религискиот дијалог, мирот, толеранцијата и соработката меѓу различните културни и религиски традиции.
Во рамките на конференцијата ќе се одржат пленарни предавања, тематски сесии и дискусии посветени на религијата и современите конфликти, религискиот национализам, миротворството, меѓурелигискиот дијалог, човековите права, културната дипломатија и улогата на религијата во современото општество.
На годинашната конференција ќе учествуваат 79 професори, научници, истражувачи, верски претставници и дипломати од повеќе континенти во светот. Во претходните пет изданија на конференциите за религиски дијалог и соработка (2019–2025) учествувале вкупно 424 учесници од 48 држави, со што, велат од Центарот, оваа иницијатива се етаблира како една од најпрепознатливите меѓународни платформи за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог во регионот.
– Особено се издвојува учеството на проф. Масимо Интровиње (Италија), основач и директор на Центарот за проучување на нови религии (CESNUR) и еден од најпознатите светски експерти за новите религиски движења; проф. Пабло Аргарате (Австрија), носител на УНЕСКО катедрата за интеркултурен и меѓурелигиски дијалог за Југоисточна Европа; проф. Џејмс Кеј (САД), поранешен декан и потпретседател на Princeton Theological Seminary; проф. Балаш М. Мезеи (Унгарија), еден од најистакнатите современи филозофи на религијата; проф. Марк К. Ли (САД), декан и претседател на Bexley Seabury Seminary и главен предавач (Keynote Speaker) на конференцијата; како и Сатубалди Буршаков, амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија. Покрај нив, на конференцијата ќе учествуваат научници и истражувачи од САД, Канада, Израел, Иран, Тајван, Аргентина, Холандија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и други држави од Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка – информира Центарот за интеркултурни студии и истражувања.
Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Филозофскиот факултет во Скопје, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Општина Тетово и други институционални партнери.
Повеќе информации за програмата и учесниците се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата: http://icrd.fzf.ukim.edu.mk/
МИА


