Телеком Австрија ќе управува со македонски Вип од Загреб

Телеком Австрија” почна со реорганизација на управувањето со подружниците во Македонија, Хрватска, Србија и Словенија – македонскиот оператор „Вип” од идниот месец ќе биде управуван од Загреб.

Претстојната реорганизација нема да предизвика какви било промени во брендовите на групацијата на пазарите во земјите каде што е присутна, информираат во „Телеком Австрија“.

Претседателот на управата на хрватски „Випнет“, Јиржи Дворјанчански, ќе застане на челната позиција и во македонскиот „Вип“ и од Загреб ќе раководи со деловните операции на нашиот оператор. Од актуелниот менаџерски тим на „Вип“, во компанијата ќе остане само главниот извршен директор Никола Љушев, кој ќе ја преземе функцијата генерален директор за Македонија, а другите раководни позиции во „Вип оператор“ ќе ги преземат директорите од хрватската компанија.

Нов сопственик на „Телеком Австрија“ е мексиканската компанија „Америка мовил“ на милијардерот Kарлос Слим.

На македонската компанија „Вип“ и претстои спојување со операторот „Оне“ за што се чека одобрението од Kомисијата за заштита на конкуренцијата.

Најчитани вести