Знам дека си ТИ, кога викаш, СПИСОК…

Вождот да ти бил под притисок, и тоа не овој пат од “селанчето“ од Муртино, туку види богати, сега и од неговите. ЦЦЦ, на какви саможртви, на какви стресови и душевни болки да ти бил ПАСТИРОТ на преродбата. Гледам, на нарачана исповед на неговата Сител и се жали на Цаци, бил загрижен, го притискале членовите, барале конечна пресметка со “предавниците“ па дури му дојавиле и списоци дека правеле за 17 ти, денот на народот против неговиот режим.

aco2

Ало пастиру, провидно брате провидно, од километар и најнеинформираниот чинам веќе ги разбира твоите валкани игри, што му доликуваат само на маалско мангупче ко што си ти, да продолжи како сиве овие 10 години, да мавта народ и да владее за да краде.

Види вака, најпријателски, списоците што ги нарачуваш,подобро речи им на твоите хакери да им направат дилит, да ги избришат, да прогласиш дека Игрите ти завршија, и колку да ти е страв, што ќе биде приватно со тебе откако ќе се иселиш од кабинетот на Илинденска број 2.

Геим ис оувр “драг“ мој, за тебе мислам, не за Македонија и народот. Биди спокоен дека Македонија ќе ја биде и без твојата пастирска енергија, ќе биде тешко оти се што можело и имало ти и твоите сте ПОБАШИЛЕ.. Е тоа, ќе го вратите, мора овој народ да има и после тебе бар за леб, мислам, додека дојде на себе си од твоето финансиско цунами на нивните џебови.

Пастиру, батали спискови, батали вмровски фаланги за контра протести. Се тоа, овој народ благодарение на тебе и твојата дружина виде, почувствува, а светот се чудеше и крстеше, кога и каде власт протестирала и барала спас оти опозицијата била лоша. И ова додека го пишувам, се чувствувам бедно, виновно, како тоа, кај ни беше умот на сите, да не манипулираш, како дозволивме на маалски мангупчиња цели десет, еј цела деценија судбината наша да ни биде во вашите раце..

Но тоа е, сега и нема враќање назад за тоа, кој од нас бил помалку а кој повеќе виновен, за твоите среќни а нашите несреќни години. Тоа е минато, лузна која ке си ја носиме со себе, а и ќе мораме да им се извиниме на идните генерации, оти дозволивме такви УМОВИ, да ми простиш да не дупат не на ситно, туку на крупно и апла, и од државата да направат башибозлук.

Затоа, ако останало и грам човечко во тебе, колку и да си распаметен од страв, дај ја последната наредба, лично или преку Мартинчо на твојата фаланга, дека е доста. А ние другите што не не препороди,а не има многу,гледаш низ прозорецот. Знаеме дека си ти, кога викаш СПИСОК…

А да, соприја и Гордаништено (не ми е више Гоци) аман нека престане да блебети, нека не им ги дига сафрите на луѓето. Ни срам ни перде, она најде да дрнда за Болен ум… Е да, болни умови има, ама во вашиот круг, забегани има, ама ваши се. Каков Заев, какви сценарија мрачни, какви правни разврски и апсења. Тоа, судења за целава мизерија во која не втурнавте, дека мора да има за да не биде, чинам ке бидат за ВАС.. И советувај ја, да не ѕирка ко последна шуша, скриена зад специјалците пред владата,туку ако има следен пат, таму на платформата пред твојата барокна влада, да клекне пред мајкаму на Мартин и да и бара ПРОШКА. Ќе биде мајка, ќе види колкава е мајчината милост кон чедото, и нема да и текне да се кљафти и да се туфка, оти ете некој нејзин ИДИОТ убил џанак, и и ја расипал фештата за поентирање, што го наместиле и уапсиле некогашниот нивен брат Љубе.

Значи пастиру, знаеме дека си ти, одиграј ја наместо валкано,чесно барем последната твоја игра, што ќе ти се тв настапи на кои некоја ко Цаци ќе ти трепка со очињата и ке ти глуми загрижена фаца. Верувај никој веќе не те жали, а и тие твоите со секој нов ден се помалку ќе ти чуваат грб. Ти подобро знаеш, братијата шо ја влечкаш годиништа со тебе, е твој копирајт, сакаат само кога некој има власт, оти само така без работа, со алаш вериш, ќе им се полнат нивните, а ќе се празнат џебовите на народот. Пастиру, верувај, кај народот енергија за војна НЕМА, туку сила за борба до СЛОБОДАТА. А таа, слободата без тебе, колку и да несакаш, со секој ден е се поблиску, тука е на уште Чекор, ама вистински. Твоите сто чекори за преродба чинам ќе бидат уште едно црно петно од нашата историја.

ПС:

Мозоци ставени во шише

Горданиште, фала ти за она од бомбите, како му викаш,не запамтив на Мартинчо, или Иво, оној де твојот кој ептен се гледа дека ти е досаден и гледаш да го откачиши што побрзо, за разлика од телефонските километражни цвркутања со Ставре, дека имало меѓу вас и ИДИОТИ, на кој мозокот им бил изваден и ставен во тегла. Ја да бидам искрен, мислам дека топтан на сите ви е така, ама не у тегла туку во ШИШЕ.

Ацо Кабранов

Најчитани вести