Одлучив да присуствувам на денешната седница на Советот за безбедност, но моето присуство не значи дека јас и опозицијата му даваме легитимитет за сето она што државните институции го правеа изминатите неколку години, а особено последниве неколку месеци, изјави Зоран Заев, претседателот на СДСМ, непосредно пред заминувањето на седницата на Советот за безбедност што ја свика претседателот на државата Ѓорге Иванов.
„Моето присуство на седницата на Советот за безбедност е исклучиво поради загриженоста за безбедносната состојба во државата. На седницата, во име на граѓаните, ќе барам објаснување кој, зошто и со каква цел ја дестабилизира Македонија, дали воопшто кризата во Куманово е завршена и дали е точно дека и во некои други региони има инфилтрирано вооружени групи? Дали безбедносните служби знаеле од порано за оваа вооружена група и од кога?“, изјави Заев и изрази сочувство до семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи како и до семејствата на загинатите цивили.з


