Вo “Братска” Русија во првите три месеци од годинава сме извезле само 6 милиони долари

Извозот од Македонија во Русија во првите три месеци годинава изнесува 6,8 милиони долари, додека во истиот период увозот од оваа земја изнесувал 71,5 милиони долари, пишува Капитал

Од 20-те најголеми трговски партнери Русија е земјата во која Македонија најмалку извезува. Односно само 0,7% од вкупниот македонски извоз во првите три месеци бил насочен кон Русија.
Околу 43% од целиот извоз во првите три месеци отпаѓа на машините кои во оваа земја ги извезува прилепски Микросам, а околу 25% на извозот на лекови, од кои најголем дел го прави компанијата Алкалоид. Во Русија во првите три месеци сме извезле и јаболка, домати, зелка, но и киви.

Колку за споредба извозот во Германија во првите три месеци од 2015 година изнесувал 452,3 милиони долари, што е 10,9% од вкупниот извоз на земјата во овој период.

Извозот, пак, на македонски производи во САД во истиот овој период изнесувал 13,2 милиони евра.

Иако Македонија со години наназад  бара договор за слободна трговија со Русија, досега немало ниту најави за било какво олеснување на трговијата, а не, пак, за дозвола за бесцарински извоз на македонските производи на 140 милионскиот руски пазар, статус кој од земјите од регионов го има само Србија.

Овие податоци само потврдуваат дека додека политичарите имаат дилеми кој страна да ја фатат, македонската економија и бизнисмените одамна се имаат одлучено каде полесно и подобро се прави бизнис.

Извор: Капитал

Најчитани вести