Над 400 хектари плодно земјиште во атарот на штипското село Балван е жедно за вода. Магистралниот канал е максимално полн, но вода не стигнува до нивите – се жалат земјоделците, револтирани од проблемот, кој секоја година го имаат со наводнувањето.
Водната заедница Балванско поле должи околу еден милион денари за водарина – тврдат земјоделците. Водокорисниците велат дека нема да плаќаат за вода, бидејќи не наводнуваат. Лани вода во каналите била пуштена само еднаш, на средината на Август и дека Водостопанство – Брегалница освен што ја покачила цената за вода и наметнала и долг од уште еден милон денари за вода што не ја потрошиле.
Земјоделците сега се во паника. Пченкарните полиња, нивите со луцерка не виреат. Се се исуши велат. Поради ненавременото наводнување производство ќе нема. Сточарите најавија дека ќе го продадат добитокот.
Ќе нема ниту градинарски култури.
Во меѓувреме долговите на водокорисниците кон Јавното претпријатие Водостопанство Брегалница се наплаќаат со извршители. Долговите се намалуваат, но вода се уште нема за нивите.
Од водостопанство Брегалница тврдат дека вода ќе протече доколку се постигне договор меѓу двете страни, за динамиката на плаќање и наводнување.
Според директорот на Водостопанство Брегалница, Зоран Беличев, повеќе од еден месец водокорисниците не платиле ниту денар, а од долгот кон водостопанство, од скоро 3 милиони денари се уплатени само 293.000 денари.


