За 1200 денари од скопскиот аеродром до пет нови светски дестинации

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски и портпаролот на нискотарифната авиокомпанија Wizz Air Даниел де Карваљо, денеска официјално го означија почетокот на новите пет директни линии од Скопје до Барселона, Осло, Фридрихсхафен, Нирнберг и Хамбург.

Првиот лет до Осло се реализираше изутрината во 6 часот, а до Фридрихсхафен попладне во 13 часот и 30 минути. Утре во 18 часот и 25 минути од „Александар Велики“ ќе замине и првиот авион на „Визер“ за новата дестинација Барселона со што Македонија првпат воздушно ќе се поврзе со Шпанија. Задутре, пак, скопскиот аеродром ќе ги отвори новите линии до Хамбург во 6 часот и 15 минути наутро, како и до Нирнберг во 13 часот и 15 минути попладне.

На новите линии кон европските градови „Визер“ ќе сообраќа двапати неделно. За Фридрихсхафен секој понеделник и петок, за Барселона во вторник и сабота, а за Хамбург и Нирнберг во среда и во недела.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, со отворањето на новите авиолинии се очекува натамошен пораст на сообраќајот и бројот на патници на „Александар Велики“.

1

Најчитани вести