Незири за Макпетрол: Како министер за економија сум против блокирање на сметки

Министерот за економија, Беким Незири, не крие дека е загрижен поради ваквата состојба. Откако вчера во 16 и 30 часот го добил известувањето од „Макпетрол“, веднаш закажал состанок.

„Го прочитав известувањето, но тоа ги посочува проблемите од една страна. Со цел да добиеме комплетна слика за состојбата и за можните потенцијални проблеми, ги повикав на состанок сите увозници и извозници на горива и гас. Покана е испратена и до АД „Макпетрол“. Ќе направиме детална анализа за состојбата на пазарот во последните шест месеци и потоа ќе заземеме став какви мерки би требало да се преземат доколку сметката на компанијата и натаму остане блокирана“, вели министерот за Дојче веле.

Тој не сака да ја коментира одлуката за блокирање на сметката на „Макпетрол“, со образложение дека „тоа е работа на судот“.

„Мора да бидеме внимателни. Доколку имало индиции за незаконско работење, можеби таа била неопходна одлука. Но, од економска гледна точка можам да кажам дека тоа ќе има негативни реперкурсии. Од тој аспект, јас како министер за економија сум против блокирање на сметки. Затоа и денеска ќе направиме анализа – што ќе се случи ако продолжи таквата состојба? Што ќе значи тоа за граѓаните, за економијата, за превозот и за многу други аспекти? Потоа ќе соопштиме кои мерки би ги предложиле“, објаснува министерот за економија.

По анализата, за чии потреби податоци требало да достават и повеќе институции, ставовите на Министерството за економија се очекува денеска да бидат соопштени на прес-конференција.

Извори од правосудството неофицијално тврдат дека се очекува сметката на „Макпетрол“ да биде деблокирана. За случајот „Макпетрол“, компанија која е сопственик и на „Телма“, телевизија со национална концесија, се заинтересираа и странски дипломати во Македонија. Во ситуација на одамна детектирана лоша состојба во медиумската сфера во Македонија – и во однос на слободата на медумите и во однос на професионалните станарди, има стравувања дека постапката против „Макпетрол“ може да има пошироки импликации кои директно ќе ја отежнат или оневозможат и работата на медиумот. Сето ова ставено во контекст на договорената рамка за излез од политичката криза, ги доведува во прашање волјата за реформи во поглавјата владеење на правото и слобода на медуми, пишува Дојче веле.

Најчитани вести