Поднесена е кривична пријава против Б.Ѕ. (58), член на Управен одбор и прв генерален директор на „Стопанска Банка“ АД Битола и Т.М. (63), член на управен одбор и втор генерален директор на „Стопанска Банка“ АД Битола поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, соопшти МВР.
„Пријавените, во својство на службени лица злоупотребувајќи ја службената положба и овластување овозможиле правното лице „Амадеус груп“ Дооел од Охрид да се стекне со противправна имотна корист, а на штета на Стопанска банка АД Битола, со што на 14.12.2010 година, постапиле спротивно на Законот за банки и склучиле Договор за остапување на побарување со хипотека со правното лице „Амадеус груп“ од Охрид во износ од 2.614.035 евра, што претставува износ помал за 150.000 евра од реалното побарување“, се наведува во соопштението.
Со овој износ тие ја оштетиле банката иако биле свесни и знаеле дека самиот договор е штетен за банката и во истиот период кај извршителот била исплатена целосната сума, од побарувањето од страна на купувачот.


