Учи ќерко за да не работиш. Учев, учев бабо и ете не работам. А и колку и да сакам, неможам да се вработам. Само поради тоа што во Македонија живееме. Често си споменувам кога баба ми ми ја велеше оваа изрека.
Стар човек, знаев да промрморам. Нормално, таа ми го посакуваше најдоброто но сé што ќе кажеше ми изгледаше некако далечно. Тогаш се беше поразлично. Безгрижно, среќно, радосно. Сé беше сведено на брканица, криенка, врсници и добра лектира, се до моментот кога се навратив на зборовите на баба ми, но овој пат во обратен контекст, и тоа: “Учи за да работиш”. Игра на зборови или пак не?! Го завршив основното образование со одличен успех, исто и средното образование. Дипломирав на факултет без посебни потешкотии. Секој испит навремено положен, со висок просек. Сé што постигнав до тука, го постигнав со сопствен труд. Пријателите, познаниците и врските немаа никаков удел во мојата сторија за среќа, или пак за жал. Сама себе се доживувам како млад перспективен човек. Потенцијален работник кој совесно и квалитетно би си ја извршувал работата која што ја избрал да ја работи како животна професија, и притоа од истата да заработува. Сето ова добива префикс научна фантастика. Гласно говорев за проблемите кои ме засегнуваа мене како млад човек, генерално гледано проблеми со кои се сочуваа мнозинството млади во Македонија. Секоја моја јавна дебата, секој мој јавен говор вклучуваше елементи од истата таа проблематика. Но мојот глас, како глас на индивидуа, не стигна далеку особено не до оние кои треба да се зафатат со разрешување на ваквата состојба. Тие беа незаинтересирани за она што се случува.Па нели ние младите сме авангардата, сила која неможе да се контролира, па зошто ние заедно, обединети да не ги иницираме и започнеме коренитите промени во општеството? И така додека се запрашував кој е виновен во оваа ситуација, почнав проблемот да го лоцирам во самата себе. Реков, кога неможам да ги променам другите околу мене, ќе почнам од самата себе. Еве како. Аплицирав во Агенција за вработување, но овој пат не во мојата Македонија, туку во туѓата Германија. Почнав со промена на држава. Држава каде што е привилегија да си студент, каде користиш бенефиции од истиот тој статус, студенстски попусти, како одење во театар, кино, јавен превоз, книги, библиотеки и што уште не. Е ова го нема кај нас во Македонија. Ќе слушнете од многумина македонски студенти кои веќе еднаш ја искусиле три-месечната работа овде, дека стекнале огромно искуство и дека следното лето повторно ќе дојдат овде. Јавно би ве запрашала, што ви е добро овде? Единствено финансиите, знам. На сите нас, кои сме толку многу километри далеку од најблиските, неможе да ни биде добро. Немаш со кој да прозбориш на мајчин јазик, и секоја комуникација ти е сведена на Скајп. А за тоа што работиме овде тие три месеци и како заработуваме, ќе премолчам. Секој со своето искуство.
Ете, веќе ги одбројувам последните денови во Германија. Следам по македонските порталите колку што успевам, опаѓал трендот на иселување на младите во Македонија. Како тоа опаѓа, кога статистичките податоци потврдуваат дека повеќе од половина од младото население е ислено. Некој сезонски, а друг со неповратен билет. Повеќето мои пријатели се распрчкани низ светот, кој работно, кој со студии. А и оние кои се останати во Македонија размислуваат за заминување. Како и да е, ова што се случува кај нас во Македонија е вистински егзодус.
Пишува Стефани Арсовска


