Полска е најстресна дестинација за возење во Европа

Возењето во Италија е значително постресно отколку во Обединетото Кралство, Германија, Франција или Шпанија, покажува новото истражување. Полска со своите автопати со чести застои и колони, големи дупки на коловозите и опасни сообраќајници, е можеби најголем предизвик за возачите почетници. Според новото истражување, токму полските патишта се најлоши за возење во Европа. Државата е оценета со 99,43 од можни 100 поени. 

Анализата опфатила фактори како сообраќајни гужви, квалитет на патишта и густина на возила. Колку е резултатот повисок, толку возењето се смета за постресно. Полска бележи една од највисоките нивоа на сообраќајни застои, со оценка 54,77, заедно со релативно слаб квалитет на патиштата, оценет со 4,3 од можни седум поени. Уште посериозен проблем е бројот на смртни случаи – 52 загинати лица на милион жители, што е меѓу највисоките во Европа.

-Не сум изненаден што Полска се најде на првото место, бидејќи на патиштата има повеќе возила отколку што инфраструктурата може да поднесе, изјави извршниот директор на „Чехвињет“ (Czechvignette), Матијс Винмален, за Јуроп ин моушн („Europe in Motion“) 

Како пример ја навел постарата делница од автопатот A18 на границата со Германија, каде што возачите веднаш по влегување во Полска можат да забележат изразено бучење од гумите при големи брзини. Според него, ваквите нагли промени во квалитетот на коловозот претставуваат дополнителен предизвик за возачите.

На второ место е Чешка со 94,92 поени. Високиот пласман е резултат на изразени сообраќајни гужви оценети со 53,5 поени, како и подпросечен квалитет на патиштата, кој добил оценка 3,9 од седум. Земјата исто така има една од највисоките густини на возила во истражувањето, со 608 регистрирани возила на 1.000 жители, што дополнително ја оптоварува сообраќајната мрежа. Истражувањето наведува и помалку очигледни извори на стрес за возачите во оваа држава, меѓу кои се изненадните појави на густа магла која ја намалува видливоста на сообраќајниот коридор Д5, како и сложените градежни работи на автопатот Д3, каде сообраќајот се пренасочува на тесни паралелни патишта. Состојбата на коловозот може да претставува опасност.

Меѓу петте најстресни земји за возење се најдоа и Романија, Грција и Бугарија. Иако во овие држави сообраќајните гужви генерално се помалку изразени отколку во Полска или Чешка, проблем претставуваат безбедносните ризици. Токму овие држави бележат некои од највисоките стапки смртност на патиштата меѓу државите опфатени во истражувањето.

Винмален посебно ја истакнува Романија, за која смета дека е исклучително тешка за возачите почетници. Според него, само состојбата на коловозите може да претставува опасност, дури и пред да се земат предвид сообраќајните гужви. Дополнителни тешкотии создаваат и наглите промени на ограничување на брзината, т.е намалување од 130 на 40 километри на час во многу краток временски период. Таквите ситуации претставуваат посебен предизвик за неискусните возачи, кои истовремено се под постојан надзор на камерите и полицијата.

Италија се наоѓа на шестото место на листата, пред сè поради големиот метеж. Во оваа земја речиси е регистрирано едно возило по жител, додека Шведска, Данска, Норвешка, Холандија и Шпанија се оценети како најмалку стресни земји за возење.

Истражувањето се базира на податоци од Том-Том трафик индекс (TomTom Traffic Index), извештајот ЕТСК ПИН 2025 (ETSC PIN 2025), Светскиот економски форум, Евростат и Ворлд популајшн (Eurostat и World Population Review). 

МИА

Најчитани вести