Во акцијата „Гора“ уловени 47 дрвокрадци

Четириесет и седум лица (46 од Скопје и едно лице од Велес) се товарат за 9 кривични дела во акцијата „Гора“, која во текот на минатиот месец ја спровела Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје.

Лицата се товарат за три кражби (чл.235 ст.3), две злоупотреби на службена положба и овластување (чл.353), фалсификување службена исправа (чл.361) и помагање в.в. злоупотреба на службена положба и овластување (чл.353 во врска со чл. 24) и по едно кривично дело фалсификување или уништување деловни книги (чл.280 ст.2), фалсификување исправа (чл.378) и прикривање (чл.261 ст.2).

Спред МВР, во првиот случај поднесена е кривична пријава против 43 лица (42 од Скопје и едно од Велес) за сторени вкупно пет кривични дела. Едно лиценцирано лице за извршување на стручни работи на шуми во приватна сопственост и во својство на сопственик и управител на Друштво за трговија и услуги Форест инжинеринг ДООЕЛ Скопје во мај, јуни, јули и октомври минатата година, спротивно на одредбите од Законот за шуми при постапување по Барањa за издавање на одобрениja за сеча поднесени од останатите 42 кривично пријавени лица за катастарски парцели во катастарските општини Танушевци, Брест, Палиград, Алдинци, Патишка Река, Црн Врв, Црвена Вода, Моране, Огњанци и Пчиња, заверил Записници дека наводно извршил теренски увид на катастарските парцели на кои се однесуваат барањата за сеча во кои навел дека констатирал дека се исполнети условите за сеча на огревно дрво.

Врз основа на записниците со невистинита содржина иако знаел дека на катастарските парцели не извршил ознака за сеча и не констатирал постоење на дрвна маса за сеча изготвил и со свој потпис и печат на правното лице Форест инжинеринг-Скопје заверил и на пријавените лица им издал Одобренија за сеча со невистинита содржина. Потоа врз основа на вака издадените Одобрениjа за сеча иако знаел дека на катастарските парцели не е исечена дрвна маса, изготвувал и издавал испратници со невистинита содржина заверени со печат и потпис, со цел истите да извршат легален транспорт и продажба на бесправно исечените огревни дрва од туѓа шума на трети лица. По основ на наплата за наводно извршена ознака за сеча во износ од 300 денари за 1 м3 за одобрена вкупна дрвна маса за сеча (2.751,4 м3 х 300,00 денари) тој се стекнал со противправна имотна корист во износ од 825.420 денари, а истовремено согласно Правилникот за висината на цената за штети во шума според кои за огревно дрво бука висината на штетата изнесува 7.000 денари за 1 м/3, ја оштетил заедницата за износ од 12.811.400 денари за вкупно исечена и изнесена дрвна маса во количина од 1.830 м3.

Во вториот случај кривично пријавено е лице од Скопје за прикривање. Пријавениот кон крајот на јули годинава купил огревни букови дрвја од 4,2 м3, по цена од 2.500 денари за м3 иако при купопродажбата увидел дека огревните дрва не биле жигосани со јасно видлив шумски жиг, дека не му биле испорачани со испратница издадена од страна на продавачот на негово име, ниту добил било каков документ, како и дека цената по која му се продадени била многу пониска од реалната продажна цена на пазарот (која изнесува од 2.970 денари до 4.000 денари за 1 м3 дабово дрво) од што знаел дека дрвата се прибавени со кражба.

Во третиот случај пријавено е лице од Скопје, кое во текот на годинава откако претходно од туѓа шума одзел бесправно исечени букови и дабови дрва во количина од 7,50 м3, ги складирал во дворното место на неговата викендица во село Јаболци – Скопје, со што ја оштетил заедницата за износ од 52.500 денари.

Во четвртиот случај лице од Скопје извршило кражба кога на 17 минатиот месец откако претходно од туѓа шума бесправно исекол 2 м3 огревно буково дрво, ги натоварил во „форд транзит“ за да ги превезе до непозната дестинација. Истиот ден, околу 20.30 часот, во селото Брњарци во обид да биде запрен од „алфите“ ја зголемил брзината и не застанал на дадени звучни и светлосни сигнали, туку продолжил кон Сингелиќ и додека возилото се движело тој избегал, a возилото удрило во бетонски ѕид каде што и застанало. Со наведеното кривично дело пријавениот ја оштетил заедницата за 14.000 денари.

И во петиот случај поднесена кривична пријава против лице од Скопје за кражба. Пријавениот откако претходно на точно неутврдено време и место во текот на 2014 година од туѓа шума одзел огревно дрво даб во количина од 2,1 м3, бесправно исечените дрва ги пренел и складирал во дворното место на неговиот дом во селото Црешево, Скопско. Со наведеното, пријавениот ја оштетил заедницата за 14.700 ден.

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести