Машиновозачите и натаму штрајкуваат, ангажирани пензионери како заменски машиновозачи

Возовите на Македонски железници и натаму се стопирани. Повеќе од 80 отсто од машиновозачите девети ден по ред не одат на работа, а железничкиот сообраќај е речиси откажан. На шините се само два специјални воза на Македонски железници со кои се превезуваат мигрантите од Гевгелија до Табановце, вели претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија Душко Чакаровски, пишува Радио Слободна Европа.

„Дваесет и шест воза стојат вкупно во државата. Товарниот сообраќај е во застој целосно. Возат 10 до 15 луѓе што значи дневно два до три воза со мигранти што превезуваат. Само тоа“, вели Чакаровски.

Тој истакна дека вработените нема да ги исполнуваат своите работни задачи сė додека не им биде во целост исплатена јулската плата и искажа револт што Македонски железници – Транспорт ангажирале заменски пензионирани машиновозачи бидејќи најголем дел од машиновозачите штрајкуваат.

„Најголем револт се постигна кога донесоа заменски работници, односно пензионери, кои јас мислам и дека не ги исполнуваат условите за да ги исполнуваат тие работни задачи. Ние леб бараме, а тие дошле да возат. Затоа уште поголем револт се создаде и 99 проценти од колегите се веќе овде“, вели Чакаровски.

Најчитани вести