Економскиот раст од 3,2 % е висок, но темпото е забававено. Извозот е стабилен, трговскиот дефицит е намален. Потребен е голем скок и долги години за да го достигнеме европскиот стандард – стои во последниот извештај на Светска банка, информира 24 Вести.
“Со раст од 4,5 % на Македонија ќе и требаат 30 години да го достигне нивото на Европската Унија, под претпоставка дека растот во ЕУ би бил 0,5 % годишно“, изјави Бојан Шимбов, економист во Светска банка.
Во извештајот стои дека од 2009 година, буџетската реализација е под проектираното ниво, а структурата на трошењето останува неповолна. Повеќе пари се трошат за пензии, плати и социјални трансфери отколку за капитални инвестиции.
Јавниот долг е дуплиран од 2008 година и се очекува да се зголемува и во иднина. Дефицитот е зголемен. Македонија има простор да се задолжува, но прашањето е за што ќе се трошат парите.
“Кој е квалитетот на задолжувањата? Доколку одредена земја се задолжува за да создаде нова вредност, за да отвори нови работни места, поттикне екононмски раст и развој тогаш таквите задолжувања се продуктивни и добри. Доколку државата се задолжува за да исплаќа плати во јавниот сектор, тогаш секако таквите задолжувања не се продуктивни“, изјави Горан Тиниќ, в.д директор Светска банка
Невработеноста продолжува да се намалува, но долгорочната невработеност кај младите со 47 % останува една од највисоките стапки во Европа. Кредитниот раст забрза, но нефункционалните кредити кај компаниите се на високо ниво. По три годишна стагнација се намалува и сиромаштијата.
Во извештајот на Светска банка нотирани се и полтичките случувања во земјава.
„Со посредство на ЕУ и САД, политичките партии успеаја да постигнат договор за привремената влада до изборите во април 2016. Според договорот, актуелниот премиер треба да ја напушти функцијата во јануари 2016 и привремен премиер треба да го заземе неговото место и да формира влада со прецизен мандат да организира превремени избори“, стои во извештајот на Светска банка.
Како главни предизвиц на земјава од Светска банка се посочуваат разрешницата на политичките превирања, структурните реформи, намалување на фискалниот дефицит, намалување на сиромаштијата и невработеноста.
Бегалската криза на краток рок во регионот има негативни фискални последици, но на долг рок ќе има бенефит. Можноста од затворањето на границите ќе влиаја негативно врз економиите.


