Инвестиција за 25-годишен јубилеј: „Магпрогрес“ лансира нова линија со 50 нови проиводи

Макпрогрес“ од Виница, која денес е лидер во кондиторската индустрија во Македонија, го прослави 25-годишниот јубилеј од своето постоење со отворање на новата производна линија „Винчини 7“.
Линијата  свечено ја отвори Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија. Со оваа линија виничката компанија на своето портфолио додава и 50-тина нови производи и отвори  60 нови работни места. Вкупната инвестиција изнесува 4,5 милиони евра, информираат од Стопанската комора на Македонија.
– Со годишното производство од над 13.000 тони готови кондиторски производи и со асортиман од над 300 разновидни прехранбени производи групирани во 5 регистрирани трговски марки, од кои 78% се извезуваат во над 50 земји, „Макпрогрес“ стана вистински економски амбасадор на Република Македонија, гордо претставувајќи ја државата ширум светот, истакна на отворањето Бранко Азески.
Дваесет и петгодишното успешно работење, согласно визијата за развој, компанијата го темели и на имплементирањето на голем број стандарди без кои денес ниту една компанија не може да го зголемува ниту извозот ниту својот раст.
Интенцијата за проширување на извозот на нови пазари како предуслов за поголем раст и развој на компанијата, е препознаена од страна на директорот Глигор Цветанов, кој како претседател на Клубот на фирми за соработка со земјите од Блискиот Исток и Магреб при Комората, настојува преку взаемно информирање и промовирање, воспоставување  коморска соработка и соработка со други деловни асоцијации да иницира активности за создавање поттикнувачки амбиент за соработка и за останатите извозно ориентирани компании.
Континуираните инвестиции во имплементација на системите на квалитет во производните процеси (имплементација на ISO 9001:2008; HACCP-системот за безбедна храна, KOSHER-стандардот, EMAS-стандардот за екологија; HALAL-стандардот, како и имплементација на стандардите за квалитет IFS и BRC наменети за пазарите во Австрија, Германија и Велика Британија), условија извозот на „Макпрогрес“ во 2014 година да биде зголемен за приближно 20% во однос на претходната година.
За одбележување е и податокот дека компанијата „Макпрогрес“  континуирано ги одржува односите со заедницата и потрошувачите на многу високо ниво. Во изминатите 25 години, „Макпрогрес“ како еден од главните поддржувачи на Стопанската комора на Македонија и добитник на коморското призниние како компанија која инвестира во нови производни погони, се јавуваше и како иницијатор и помагач на многу активности од секоја сфера на општественото живеење и делување во Република Македонија преку разни донации, спонзорства,  директна или индиректна соработка.
Затоа, „Макпрогрес“ два пати е добитник на награда за општествено одговорна компанија –  во 2011 година во областа на екологијата и во 2012 година во областа на односите со вработените.
– Со моментална бројка од околу 500 вработени, за „Макпрогрес“ со сигурност може да се каже дека е лидер и стожер на локалниот економски развој во Виничко-кочанскиот регион и верувам дека компанијата и во иднина ќе го продолжи трендот на континуиран раст, чиј пример ќе го следат и останатите, подвлече Азески.

-Извор: emagazin.mk

Најчитани вести