Светска банка ни даде 83 милиони евра кредит за патишта долж Коридорот 8

Бордот на директори при Светска банка денеска одобри заем од 83 милиони евра за Проектот за надградба и развој на патиштата во Република Македонија. Проектот има за цел да ја подобри транспортната поврзаност за корисниците на патиштата долж Коридорот 8 помеѓу Скопје и Деве Баир, како и да го подобри управувањето со средства и планирањето на Јавното претпријатие за државни патишта.

Инаку, заемот е со рок на доспевање од 28 години, со 8 години грејс период.

 

„Подобрените транспортни врски ќе придонесат кон повисок животен стандард за граѓаните преку обезбедување на посигурен, поевтин и посигурен пристап до останатите јавни услуги. Проектот исто така ќе има позитивно влијание врз општините кои се во близина на новиот и постоечкиот пат преку поттикнување на економската активност во регионот и обезбедување на подобар пристап до социјалните и економските услуги“, се наведува во соопштението од Светска банка.

– Инвестициите во транспортната инфраструктура се клучни за развојот на Република Македонија. Како континентална земја, Република Македонија има потреба од инвестиции во транспортната инфраструктура за да обезбеди подобра поврзаност со регионалните пазари и да стане попривлечна дестинација за инвеститорите. Подобри патишта, исто така се клучни за локалната конкурентност и развојот на туризмот – вели Елен Голдстин, директор за регинот на Југоисточна Европа при Светска банка.

Преку главната компонента на проектот, во износ од 78 милиони евра, ќе се финансира изградба на нов, поширок пат со две ленти помеѓу Ранковце и Крива Паланка во должина од 26,64 километри. Изградбата ќе трае три години и се очекува патот да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019 година.

– Новиот проект за патишта ќе донесе директни придобивки за корисниците на патот како резултат од намалените трошоци за возилата, како и од намаленотовреме на патување, заради подобрениот квалитет на патот. Дополнително, проектот ќе ги зајакне капацитетите на Јавното претпријатие за државни патишта во управување со средствата за мостови и во имплементација на инжинерски и градежни иновации кои може да ја подобрат безбедноста на патиштата и нивната одржливост – вели Ракеш Трипати, сениор специјалист за транспорт во Светска банка и лидер на проектот.

„Подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе придонесе кон зајакнување на интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ, и исто така, ќе го олесни пристапот до нови пазари. Подобрениот пристап до границата со Бугарија ќе има позитивно влијание врз трошоците за логистика и исто така, ќе придонесе за подобра и посигурна поврзаност,ќе ја подобри мобилноста на населението и прекугранична интеракција долж коридорот“, се наведува во соопштението.

Ова е трет транспортен проект за патишта кој Светска банка го финансира во Македонија.

Извор: Плусинфо

 

Најчитани вести