Пијанството не е доволен доказ за одземање на лиценците на гевгелиските анестезиолози

Поради недостаток на доказен материјал, Судот на честа при Лекарската Комора не им ги одзеде лиценците на двајцата пијани анестезиолози од гевгелиската болница. Резултатот кој покажа дека кај едниот лекар имало 1,75 а кај другиот 1,23 промили алкохол во крвта ноќта кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, не биле доволни за да останат без дозвола за работа. Претходно, истото образложение го даде и етичката комисија. Лекарската Комора досега трајно одзела лиценца само на еден лекар а времено по различни основи се дваесетина годишно.

По вештачењето кое е во тек, обвинителството треба да соопшти кој и за што ќе одговара за гевгелиската трагедија. Сопругот на починатата родилка Мите Кадиев, вчера излезе со нов сомнеж дека бебето било родено живо по направениот царски рез а не како што пишувало во документацијата дека е мртвороденче. Побара да бидат казнети сите кои се виновни за смртта на неговата жена и ќерќичка.

Апел за побрзо расветлување на случајот упати и министерот за здравство.

-Ова е во надлежност на други органи, но јас еве апелирам што побрзо да се заврши, да се најдат виновниците и да се утврди кој згрешил и да бидат казнети согласно законите, изјави Никола Тодоров министер за здравство.

Маја Кадиева и новороденчето починаа во гевгелиската болница на 22 октомври за време на царскиот рез. неофицијално, обдукцијата покажа дека причина за смртта е задушување поради погрешно интубирање.

Извор: Здравство 24

Најчитани вести