Бошњачките министри го блокираа отворањето на новиот граничен премин Градишка кон Хрватска

Бошњачките министри во Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) на денешната итна седница не дадоа одобрение за пуштање во употреба на новоизградениот мост на Граничниот премин Градишка, иако синоќа се урна дел од стариот мост на постојниот премин, предизвикувајќи целосен прекин на патничкиот и товарниот сообраќај меѓу БиХ и Хрватска.

Министерот за финансии и трезор на БиХ, Срѓан Амиџиќ, на прес-конференција во Градишка потврди дека отворањето на новиот мост повторно било блокирано од страна на членот на Управниот одбор на Управата за индиректно оданочување, Зијад Крњиќ. Амиџиќ упати жестоки обвинувања на сметка на Крњиќ, обвинувајќи го за „омраза кон Србите“ и нарекувајќи го „вистинско зло“, со оценка дека оваа блокада е уште еден доказ дека „БиХ не може да опстане“.

– Вината не е кај Бошњаците, туку кај муслиманите во БиХ и сите во Федерацијата кои го поддржуваат Зијад Крњиќ – изјави Амиџиќ, најавувајќи дека Република Српска ќе ги преземе сите мерки за да се овозможи отворање на новиот граничен премин. Тој додаде дека Крњиќ со овој потег не работи само против Србите, туку и против Бошњаците, Хрватите и сите граѓани кои го користат овој премин и чии животи биле загрозени при синоќешното уривање.

Итната седница на Советот на министри на БиХ беше свикана со цел итно донесување заклучок за привремено отворање на новиот граничен премин Градишка (БиХ) – Нови Мост – Горња Варош (Хрватска), за да се обезбеди непречен проток на луѓе и стока. Претходно денеска, Крњиќ ја блокираше одлуката и на седницата на УО Управата за индиректно оданочување, образложувајќи дека ќе го одобри правилникот за новиот премин дури откако на дневен ред приоритетно ќе бидат ставени новите коефициенти за распределба на средствата од ДДВ, предлог на кој не се согласуваат претставниците од Република Српска.

Дел од мостот на реката Сава на постојниот граничен премин Градишка се урна синоќа, еден час по полноќ, по што преминот веднаш беше затворен за возила и пешаци. За среќа, во моментот на уривањето на тој дел од мостот немало луѓе и возила, со што е избегната поголема трагедија. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести