Загриженост кај жителите на повеќе атински населби, особено во јужниот дел на градот, предизвика интензивниот мирис на гас, а засега причините остануваат непознати. По мобилизацијата и проверките од противпожарната и крајбрежната служба, како и од операторот за природен гас, не било пронајдено некакво истекување или дефект, а од Министерството за климатска криза и цивилна заштита смируваат дека не е регистрирано загадување на воздухот – јави дописничката на МИА од Атина.
Мирисот се проширил во најмалку десет населби, некои од градоначалниците превентивно апелираа до граѓаните да останат во затворен простор со затворени прозорци, а постоеше подготвеност за превентивна евакуација, доколку е потребно, на училиштата и на вработените во општините.
Според информациите од Министерството за климатска криза и цивилна заштита, Националниот центар за координација на операции и управување со кризи од 11.40 часот по локално време примил повеќе повици за мирис на гас во делови на Атина и веднаш биле испратени возила на Противпожарната служба за спроведување проверки на локациите од кои пристигнале пријавите.
Операторот на националниот систем за природен гас не утврдил истекување или друг дефект во постројките за течен природен гас во Ревитуса или на друго место во мрежата, а проблем не забележале ниту од компанија за дистрибуција на гас во областа Атика.
Според надлежното Министерство, била информирана и крајбрежната служба, од каде што биле спроведени опсежни проверки на бродови за транспорт на гас, но ни таму не бил откриен никаков проблем, а бил известени и Генералниот секретаријат за животна средина при Министерството за животна средина и енергетика.
– Според досегашните податоци, мерните станици не покажаа зголемено ниво на загадување, ниту постои каква било друга индикација, освен непријатниот мирис. Истрагите и проверките продолжуваат – соопштија од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција.
МИА


