Соопштение на СДСМ:
Три дена му требаа на Зоран Ставрески да смисли како да се правда пред граѓаните што заедно со Груевски постојано и постојано сака да ги задолжува граѓаните со нови долгови.
Наместо одговори за лошите политики, Зоран Ставрески сака повторно да манипулира со јавноста. Но, неуспешно.
Целосно неточно е дека со законското право на вето за најавеното ново задолжување на граѓаните од 100 милиони евра на домашниот пазар се загрозува исплатата на плати, пензии и социјални трансфери.
Единствени коишто ја загрозуваат исплатата на плати, пензии и социјална помош се расипничките политики на Никола Груевски и Зоран Ставрески.
Со издавањето на еврообврзницата, задолжување коешто СДСМ го преполови во интерес на граѓаните, обезбедени се средства за буџетот за потребите на граѓаните. Тоа е јасно.
Дури и самиот Зоран Ставрески на 24-ти ноември 2015 изјави дека со парите од еврообврзницата се обезбедни средства за извршување на обврските на Буџетот.
„Сите граѓани, сите стопанственици, сите оние кои добиваат средства од Буџетот, сите фирми што работат на реализација на проекти треба да знаат дека се обезбедени средства за непречено извршување на обврските на Буџетот на РМ и во 2016 година .“ рече тогаш Ставрески.
Поради ова, нема дилеми дека секое дополнително задолжување претставува обид за финансирање на различни форми на изборна измама и корупција.
СДСМ нема да дозволи заради неразумните трошења на власта граѓаните да останат без плати, пензии, социјална помош. Но, исто така СДСМ нема да дозволи неразумните и недомаќински политики на Груевски да бидат товар на идните генераци.
Втората манипулација којашто неуспешно се обидува да ја прави Ставрески е дека наводно закажаната аукција за 100 милиони евра била за враќање на стари долгови. Долговите коишто треба да се враќаат во периодот до наредната аукција се околу 60 милиони евра што значи дека околу 40 милиони евра сепак ќе останат како ново задолжување.
Последната неуспешна манипулација на Ставрески е дека ветото на СДСМ за планираното задолжување од 100 милиони евра се однесува за сите домашни аукции. Ниту тоа не е точно. Ветото се однесува на најавеното задолжување од 100 милиони евра што е принципилен однос на СДСМ.
Согласно законот за Влада, исто како и за еврообврзницата, и аукциите на домашниот пазар мора да добијат согласност и од дополнителниот заменик министер.
СДСМ може да се согласи со Ставревски само со едно, дека со еврообврзницата се обезбедени средства за плати и пензии.
Но, СДСМ нема да го дозволи она што најмногу му недостасува на Ставрески, „чоколадите“ за корупција и богатење за фамилијата.


