Дејан Манасков со гол во последните секунди од натпреварот со Србија ја однесе Македонија во следната фаза од натпреварувањето на Европското првенство во Полска.
Во драматична завршница по ударот на Кирил Лазаров, Дарко Станиќ одбрани, а Стојанче Стоилов ја прифати топката и постигна гол за изедначување 26:26. Во нападот со играч помалку Србија преку Дарко Ѓукиќ повторно поведе со 27:26 на десет секунди до крајот.
Во натпревар со многу нервоза на почетокот пред се во редовите на нашата репрезентација резултатот беше изедначен до 5:5, кога Србија ја искористи конфузијата во нашите редови и поведе со два разлика (7:5). Во тие моменти не знаевме да ги казниме грешките на ривалот, кој во еден момент имаше и два играча помалку, а голамнот на Србија Дарко Станиќ имаше седум интервенции во првиот дел. Сепак, брзо успеавме да се вратиме во изедначеното прво полувреме и по водството на Србија од 10:9, со серија од три гола, првпат поведовме со два разлика, а испуштивме шанса и за плус три гола. Србите тоа знаеја да го казнат и на полувреме резултатот беше 13:13.
И вториот дел беше ист како и првиот. Во најголемиот дел Србија водеше со по еден гол разлика, а нашите ракометари имаа проблеми, пред се, во нападот. Селекцијата на Србија предводена од бековите Петар Ненадиќ и Жарко Шешум ја одржуваше предноста од еден гол. Во последните минути Филип Миркуловски постигна два гола.
Најефикасен на дуелот беше Дејан Манасков со девет голови, а Шешум и Ненадиќ кај Србија постигнаа по седум голови.
Македонија го освои третото место во групата и ќе ги продолжи натпреварите во следната фаза во Групата 1.
Извор: МИА


